Американскиот прехранбен гигант Heinz планира да се спои со групацијата Kraft Food, а создавањето на заедничка компанија ќе значи формирање на трета најголема компанија од оваа индустрија во САД, пишува BBC.
Договорот за ова спојување, како што се наведува, го креираа сопствениците на Heinz, бразилската инвестициона компанија 3G Capital и Berkshire Hathaway на светски познатиот инвеститор Ворен Бафет.
Акционерите на Heinz ќе бидат сопственици на 51% од споената компанија, додека акционерите на Kraft Food ќе имаат 49% од заедничкиот капитал.
3G Capital и Berkshire Hathaway го купија гигантот Heinz пред две години за 23 милијарди долари.
Споената компанија, Kraft Heinz Company, се очекува да заштеди околу 1,5 милијарди долари годишно до крајот на 2017 година.