Ќе се усогласува понудата и побарувачката за благајничките записи

22

Народната банка на Република Македонија (НБРМ) објави дека се воведува методологијата за утврдување на потенцијалната побарувачка за благајнички записи.

Овие новините се очекува да придонесат за усогласување на понудата и побарувачката за благајнички записи и соодветно насочување на вишокот ликвидни средства во банкарскиот систем.
Одлуката е донесена бидејќи во изминатиот период на аукциите била забележана значително повисока побарувачка за благајнички записи во однос на реално расположливите ликвидни средства кај банките, поради нивната намера да го зголемат сопственото учество во вкупниот износ на благајнички записи.

“Согласно со поставениот механизам, доколку на ниво на вкупниот банкарски систем се утврди дека постои повисока побарувачка од потенцијалната, банките коишто аукцираат со повисоки износи од сопствениот ликвидносен потенцијал, ќе имаат обврска разликата во однос на потенцијалот да ја пласираат во депозити со рок на достасување од седум дена”, соопшти НБРМ.

На вчерашната седница, беше донесена и Одлуката за известување за пондерираните каматни стапки на дадени кредити и на примени депозити со која целосно се усогласува статистиката на каматните стапки со регулативата за статистиката на каматните стапки на ЕЦБ (Regulation ECB/2009/7).

Известувањето за пондерираните каматни стапки се разликува од досегашното пред сѐ во однос на концептот и опфатот на податоците коишто се однесуваат на вкупните сметководствени состојби и новодоговорени активности.

Со новите барања, пакетот податоци за пондерираните каматни стапки се разделува на неколку извештајни целини, со што се овозможува нивно разграничување според секторската припадност, рочноста на финансиските инструменти, намената на кредитите на домаќинствата, висината на дадените кредити, валутата, типот на обезбедувањето и видот на финансискиот инструмент, при што за првпат се овозможува прибирање податоци за кредитните картички на нефинансиските институции и револвинг-кредити.