Kickstarter се префрла на блокчејн

Kickstarter, најпопуларната кампања за групно финансирање во светот, досега им помогна на креаторите и иницијаторите на различни идеи да соберат над 6 милијарди долари, за над 200.000 проекти. Платформата проценува дека овие проекти, кои веројатно не би биле можни без нив, создале над 750.000 работни места со скратено работно време и 80.000 работни места со полно работно време, над 20.000 нови компании и непрофитни организации и на крајот создале над 13,5 милијарди долари нова економска вредност.

Сето ова не би било можно без вмрежување на големиот број луѓе коe Kickstarter го нуди, а сега компанијата најавува дека ќе има голема технолошка промена во тој домен. Почнувајќи од следната година, Kickstarter ќе воведе нова, отворена, колаборативна и децентрализирана платформа базирана на блокчејн. Во соработка со јаглеродно неутралната платформа Celo ќе развие нов протокол за групно финансирање и блокчејн кои ќе станат основа на нивниот систем во иднина.

Отворен за сите

Блокчејнот ќе биде децентрализиран и целосно со отворен код, така што секој ќе може да пристапи и да го користи, дури и нивните конкуренти. Ќе биде лансирана независна организација, Kickstarter PBC, која ќе го надгледува развојот и имплементацијата на овој протокол, а ќе има и независна лабораторија за управување со протоколот.

Затоа, во иднина оваа платформа за групно финансирање ќе работи на сосема нов начин, но сите овие технички промени ќе бидат ограничени на она што е невидливо за крајниот корисник. Иноваторите, претприемачите и сите нивни поддржувачи нема да ја видат или почувствуваат промената, освен како подобрување на функционирањето на целиот систем.

„Веруваме дека во наредните години голем дел од интернетот ќе биде реконструиран од темел преку отворени и децентрализирани мрежи на соработници, кои ќе учествуваат во дизајнот, функционирањето, управувањето, па дури и сопственоста на самите технологии“, велат од Kickstarter и најавуваат дека нивниот блокчејн протокол ќе биде една од инфраструктурните алатки што ќе го овозможи тоа.

Во моментов се подготвува „white paper“ за нов протокол за кофинансирање на блокчејн и треба да биде објавен во наредните недели.