Киев: Поради договорот меѓу Унгарија и Газпром губиме гас

60

Директорот на компанијата Оператор ГТС Украина, Сергеј Макагон изјави дека земјата останала без 4,5 милијарди кубни метри гас откако Унгарија склучила нов договор со Газпром, според кој гасот се добивал по рута, која ја заобиколува Украина.

Според проценките на Макагон, постои опасност оваа загуба да достигне 10 милијарди кубни метри гас.

„Забележувам дека Унгарија беше главната насока за увоз на гас оваа година – 95% од обемот на гас. Ни останува можноста да увезуваме гас од Полска, Словачка, Романија и тоа ќе го реализираме. Секој ден, украински и меѓународни компании увезуваат околу пет милиони кубни метри гас“, рече тој.

Макагон додава дека Украина е подготвена да потпише долгорочен договор со „Газпром“ за транзит на гас преку нејзина територија, за минимум 45 милијарди кубни метри гас годишно во следните 10-15 години.

Унгарија неодамна потпиша нов долгорочен договор со Газпром за снабдување со гас, заобиколувајќи ја Украина. Во пресрет на склучувањето на договорот, Киев соопшти дека е разочаран поради тоа и вети дека ќе се обрати до Европската комисија за да ја оцени усогласеноста на договорот со европското законодавство во областа на енергетиката.

Русија беше обвинета во Киев дека го користи гасот како средство за притисок врз други земји, пред се Украина, што портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, категорично го демантираше.