Кина би можела да стане клучен снабдувач на дизел во Европа

70

Кина би можела да стане клучен извозник на дизел во Европа поради санкциите наметнати од западните земји за руското гориво, пишува Блумберг.
Според извештаите, Кина го зголемила извозот на дизел во последните месеци, од кои дел се испраќа во Европа.

„Кинескиот извоз на дизел би можел да биде помеѓу 400.000 и 600.000 барели дневно во текот на првата половина од оваа година“, проценуваат експертите.

Според податоците на аналитичката компанија Вортекс, ЕУ минатата година увезла околу 220 милиони барели дизел гориво од Русија.

Во исто време, според Јуџин Линдел, експерт од консултантската компанија FGI (Facts Global Energy), наоѓањето замена за таков обем на испорака „ќе биде тешко, но можно“, пренесува американската агенција.

Земјите од Европската унија увезуваат значителни количини нафтени деривати од Русија, особено дизел гориво.

Според западните медиуми, во декември минатата година е увезено рекордно количество дизел од 2016 година, со повеќе од половина од горивото испорачано од Русија.

Ембаргото на ЕУ за увоз на нафтени деривати од Русија по морски пат стапува на сила на 5 февруари.