Кина го презема бизнисот со литиум на Јужна Америка: Договор со Боливија од милијарди долари

37

Поради експоненцијалниот раст на побарувачката за литиум во нивната земја, кинеските компании за рударство и производство на батерии се концентрираат на проекти за ископување на тој метал во Јужна Америка, која е особено богата со него.

На крајот на минатиот месец, конзорциум составен од три кинески компании, вклучувајќи го и најголемиот светски производител на батерии за електрични возила „CATL“, потпиша договор со Владата на Боливија за заедничка инвестиција во експлоатација на литиум во таа јужноамериканска земја вредна една милијарда американски долари.

Станува збор за нов проект кој ќе го искористи наоѓалиштето со најголеми резерви на литиум во светот. Кинеските компании ќе ја изградат целата потребна инфраструктура, вклучително и транспортната инфраструктура, за во соработка со домашната државна корпорација „YLB“ годишно да може да произведува околу 25.000 тони литиум со чистота од 99,5 отсто.