
Кина инсталираше најголем месечен капацитет на соларна енергија во својата историја во мај, покажуваат официјалните податоци, со зачудувачкиот факт дека само во тој месец додаде повеќе капацитет на соларна енергија од која било друга земја во целата 2024 година.
Кина инсталираше 93 гигавати (GW) капацитет на соларна енергија во мај, соборувајќи го сопствениот рекорд од декември 2024 година, кога инсталираше 71 GW, според податоците од Националната администрација за енергија, објавени од Блумберг.
Тие 93 GW во мај значи дека Кина додала повеќе соларен капацитет за еден месец отколку која било друга земја во целата 2024 година, проценува BloombergNEF.
Сепак, се очекува инсталациите да се забават во јуни и јули поради новите политики на кинескиот пазар, за кои ќе биде потребно време за да се усогласат понудата и побарувачката.
Имено, инсталациите за соларна енергија се забрзани со цел да се искористат постојните субвенции, бидејќи на 1 јуни ќе стапи во сила нова владина политика, со која се укинува гарантираната цена за купување електрична енергија од соларни проекти. Досега, таа цена овозможуваше речиси сигурна профитабилност кога проектите ќе почнат да работат.
Друга мерка, која стапи во сила на 1 мај, го отежна уште повеќе поврзувањето на кровните соларни панели со дистрибутивната мрежа за електрична енергија.
Аналитичарите велат дека овие мерки ќе го забават растот на нови соларни инсталации во текот на летото.
Забавувањето би можело дополнително да ги погоди кинеските производители на соларни панели, кои се справуваат со вишок капацитет и ценовни војни повеќе од една година.
Сите водечки кинески производители на соларна опрема забележаа загуби во првиот квартал од оваа година, наведувајќи ги ниските цени на производите како причина, но и трговските тензии и новите тарифи воведени од актуелниот претседател на САД, Доналд Трамп.
Уште во 2024 година, Кинеската асоцијација за фотоволтаична индустрија предупреди дека секторот за производство на соларна опрема во Кина има итна потреба од консолидација, бидејќи прекумерниот капацитет и ценовните војни ги туркаат домашните компании во трка кон дното.
Фото:Pixabay