Кина ископала рекордни количини јаглен во март

57

Производството на јаглен во Кина се зголеми за 15% во март во споредба со истиот месец минатата година, при што дневното производство за месецот достигна рекордно ниво, пренесе Ројтерс.

Пекинг ги повика рударските компании да го засилат производството за да обезбедат стабилен пазар.

Кина минатиот месец произведе 395,79 милиони тони јаглен, што е еднакво на 12,77 милиони тони дневно, покажуваат статистичките податоци.

За споредба, во март 2021 година дневниот принос беше нешто под 11 милиони тони дневно, а за првите два месеци од 2022 година беше 11,64 милиони тони дневно.

Кина планира дневно производство на јаглен од 12,6 милиони тони оваа година. Властите во Пекинг и дадоа приоритет на енергетската безбедност како резултат на геополитичките превирања предизвикани од конфликтот во Украина, што ги турна целите за намалување на јаглеродот во втор план.

Производството во првиот квартал од годинава достигна 1,08 милијарди тони, што е за 10% повеќе од истиот период лани.

Резервите на јаглен во осум од главните крајбрежни провинции на почетокот на април изнесуваа 28,18 милиони тони, или околу 6 милиони тони повеќе отколку во истиот период минатата година.

Потрошувачката на јаглен во производството на енергија е за 12% помала од пред една година, делумно поради блокадите наметнати од КОВИД-19, затворањето на фабриките и ограничувањата на мобилноста во градовите како Шангај.

Мерките против пандемијата влијаеја и на активностите на некои рудници во Шанкси, кој е главен регион за ископ на јаглен.

Некои претставници на индустријата за јаглен изразија загриженост дека Кина може да не успее да одржи рекордно производство долго време, бидејќи некои рудници на кои им беше наредено да го прошират производството во декември не можат да го одржат своето работење.