Кина ќе инвестира 2,2 милијарди долари за истражување на литиум во Аргентина

137

Кинеската рударска компанија Tibet Summit Resources Co. Ltd. најави дека планира да инвестира 2,2 милијарди долари во два проекти за истражување на литиум во Аргентина.

Ова се наведува во соопштението на аргентинското Министерство за надворешни работи, пренесува Новости.

Претседавачот на компанијата Џианронг Хуанг ги сподели овие планови додека зборуваше со аргентинската амбасадорка Сабина Вака Нарвеј на Кинеската меѓународна увозна изложба во Шангај.

Како што објасни претседателот на Tibet Summit Resources, неговата компанија има намера да инвестира околу 700 милиони долари во проектот Salar de Diablillos во провинцијата Салта, кој се очекува да произведе 50.000 тони литиум карбонат за батерии почнувајќи од следната година.

Се очекува компанијата да инвестира уште 1,5 милијарди долари во изградба на фабрика во Аризаро, исто така во Салта, која би можела да произведе помеѓу 50.000 и 100.000 тони литиум карбонат до 2024 година.

Tibet Summit Resources, исто така, соопшти дека очекува да отвори околу 10.000 работни места во областите каде што ќе се спроведуваат овие проекти.