Кина лани извезла стоки во вредност од 25,45 билиони јуани (околу 3,4 трилиони евра), што е за 7,1 отсто повеќе од претходната година и највисоко досега.
Пекинг ги објави најновите податоци пред враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа, кој веќе најави високи царини за втората по големина економија во светот.
Увозот се зголеми за 2,3 отсто минатата година на 18,39 билиони јуани, објави државната телевизија CCTV, додека вкупната трговија порасна за пет отсто на 43,84 билиони јуани.
Само во декември извозот скокна за 10,7 отсто на годишно ниво, надминувајќи ги прогнозите на аналитичарите на Блумберг од 7,5 отсто, објави француската новинска агенција АФП. Увозот е зголемен за еден процент, додека аналитичарите проценуваат дека ќе се намали за еден процент.
Извозот е главниот двигател на втората по големина економија во светот, која е оптоварена пред се од послабата домашна потрошувачка и долготрајната криза во секторот на недвижности.
Последните податоци ги објави кинеската државна телевизија непосредно пред враќањето на Трамп во Белата куќа. За време на првиот мандат Трамп воведе високи царини за стоки од Кина, а пред почетокот на вториот мандат најави уште повисоки царини.
Големиот скок на кинескиот извоз поради стравувањата од болна трговска војна аналитичарите исто така го припишуваат на складирањето на залихи од американски компании пред враќањето на Трамп, пренесува АФП.
Пекинг оваа недела ќе ги објави податоците за минатогодишниот економски раст.