Русија сè уште заработува од западните компании: Заработила околу 3 милијарди евра даноци од компании од ЕУ

Русија заработила околу три милијарди евра даноци од компании од Европската унија кои сè уште се активни во земјата во 2023 година, се наведува во извештајот на две невладини организации од Киев, пишува Политико.

Странските компании во Русија значително придонесуваат за руската каса, бидејќи продолжуваат да продаваат несанкционирани производи како што се прехранбени производи, тутун и облека. Вкупните даночни приходи достигнуваат 21,2 милијарди евра кога ќе се земат предвид компаниите од земјите кои ја поддржуваат Украина или дури директно Русија.

Тутунскиот гигант „Филип Морис“ е најголемиот странски даночен обврзник во Русија. Според пресметките на KSEI, производителот на цигари „Малборо“ во Русија оствари приход од речиси 7 милијарди долари во 2023 година. Компанијата плати 208 милиони евра данок, што е зголемување од 144 милиони евра една година порано.

Додека многу западни компании се подготвени да го напуштат рускиот пазар или веќе го направиле тоа, останаа неколку стотици откако рускиот претседател Владимир Путин ја започна инвазијата на Украина во 2022 година. На крајот на минатата година, „Луфтханза Техник“ и „Карлсберг“ го напуштија рускиот пазар.

Од 1.600 анализирани компании, повеќе од 900 доаѓаат од земјите на Г7, кои ја поддржуваат Украина политички, финансиски и воено. „Вкупно 930 компании од Г7 и ЕУ беа главни даночни обврзници во Русија, а 16 од 20 најголеми даночни обврзници доаѓаат од овие земји“, се вели во извештајот.

Во Европската унија, во извештајот се наведени најмалку 827 компании. Тие остварија приход од 79 милијарди евра во 2023 година, што е намалување во споредба со 111,4 милијарди долари во 2022 година, но нивниот придонес во корпоративниот данок остана стабилен на 3 милијарди евра.

Корпоративниот данок во Русија ќе се зголеми од 20 на 25 отсто оваа година, што може дополнително да ги зголеми придонесите на западните компании.