
Кина минатата година затвори рекордни 670 банки, околу една четвртина од сите банки во земјата, во обид да го зајакне финансискиот систем и да го забрза консолидирањето на целиот сектор.
Според „Фич рејтингс“, процесот во голема мера се одвива преку спојувања и затворања на помали и рурални институции, а не преку класични банкроти на големи банки, објавува CNBC.
„Фич“ проценува дека малите и руралните комерцијални банки претставуваат најслаб дел од финансискиот систем на Кина, поради послаб квалитет на средствата, послаба капитализација и проблеми со управувањето.
Посебен проблем е нивната голема изложеност на помали компании, секторот за недвижности и локалните државни финансиски платформи.
Консолидацијата доаѓа во време кога кинеската економија се соочува со забавување.
Бруто домашниот производ порасна за 4,3 проценти во вториот квартал, што е најбавниот раст од 2022 година, додека индустриските профити пораснаа за само 4,2 проценти на годишно ниво во август, што е најбавниот раст оваа година.
Во своите септемвриски проекции, Фич дополнително ја намали својата проценка за економскиот раст на Кина за 2026 година на 4,5 проценти, наведувајќи ја послабата домашна побарувачка, падот на инвестициите во основни средства и слабата потрошувачка, додека извозот имаше силен придонес.
Затоа, консолидацијата на банкарскиот сектор е обид на Пекинг да ги стави проблемите што се шират низ голем број мали финансиски институции под поголема контрола.
Целта е да останат помалку банки на пазарот, но тие да бидат подобро капитализирани и поспособни да издржат понатамошно влошување на квалитетот на кредитите.
Фото: Gemini











