Кина одобри извоз на чипови за автомобилската индустрија

Кина се согласи да дозволи извоз на чипови кои се клучни за автомобилската индустрија, со што се спречи кризата и најавените широко распространети прекини на производството.

Овие чипови доаѓаат од Nexperia, кинески производител со седиште во Холандија, кој снабдува околу 40 проценти од чиповите во сегментот на автомобилска електроника, вклучувајќи транзистори и диоди, според TechInsights, објави CNN.

Кризата започна кога холандската влада ја презеде контролата врз Nexperia пред неколку недели и го отпушти нејзиниот кинески извршен директор, наведувајќи ја националната безбедност. Како одговор, Пекинг ги запре испораките на чипови од Кина, предизвикувајќи стравувања во американската и европската автомобилска индустрија дека би можеле да останат без залихи и дека, како што е по пандемијата, цените на автомобилите би можеле повторно да скокнат.

По состанокот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот лидер Си Џинпинг минатата недела, Кина изјави дека ќе им дозволи на компаниите да аплицираат за исклучоци од новите ограничувања за извоз, што би овозможило продолжување на испораките.

„Кина, како одговорна голема сила, целосно ја зема предвид безбедноста и стабилноста на домашните и меѓународните синџири на снабдување. Исклучоци ќе им бидат доделени на квалификувани извозници“, соопшти кинеското Министерство за трговија. Во исто време, Пекинг ја обвини холандската влада за „несоодветно мешање во внатрешните работи на компанијата“, што, според нив, предизвикало „хаос во глобалниот синџир на снабдување“.

Во ново соопштение објавено во вторник, кинеските власти предупредија дека Холандија сè уште дејствува еднострано, што, според нив, „неизбежно ќе ги влоши последиците за глобалниот синџир на снабдување со полупроводници“. Кина ја повика Холандија да „дејствува во интерес на стабилноста и безбедноста на трговските односи меѓу Кина и Холандија, како и меѓу Кина и Европа“.

Холандското Министерство за економски работи потврди дека е во контакт со кинеските власти и меѓународните партнери „со цел да се најде конструктивно решение кое е добро за Некспериа и нашата економија“.