Кина развива соларен дрон што на небото може да остане со месеци

48

5

Фото: YouTube

Кина претстави беспилотно летало на соларен погон коешто може да лета на висина од 20.000 метри, пишува Interesting Engineering.

Леталото користи обновлива енергија за движење на своите осум електрични пропелери, а достигнува максималната брзина од 200 километри на час.

Беспилотното летало, наречено Caihong-T 4 или Rainbow T- 4, го направи кинеската академија за аеродинамика (CAAA). Има два трупа, крилата се свиткани нагоре и има дупла опашка. Изработен е од пластика и јаглеродни влакна и тежи 400 килограми.

“Штом Caihong постигне одредена висина ќе биде над облаците и ќе лета благодарение на сонцето“, вели Ши Вен, одговорен за беспилотни летала на CAAA.

Научниците од CAAA велат дека намерата им е леталото да лета неколку месеци со минимален човечки надзор. Бидејќи леталото ќе лета над облаците, во текот на денот ќе ја користи енергијата од сонцето, а навечер ќе ја користи енергијата од батериите.

Кинезите се надеваат дека ќе развијат технологија што ќе ја минимизира потребата од слетување на беспилотните летала за полнење на гориво.