Кина сака „социјалистички“ мобилни апликации

43

Нацрт правила за регулирање на мобилните апликации објави кинеската управа за сајбер безбедност. Документот предвидува ревизија на безбедноста на апликациите кои се способни да влијаат на јавното мислење и „учествуваат во мобилизацијата на општеството“.

Според новите барања, сопствениците на апликации и платформи мора да се придржуваат до Уставот и законите на земјата, „да се придржуваат до вистинскиот политички курс“ и „да ги промовираат основните социјалистички вредности“, забележува „РБЦ“.

Во документот се наведува дека апликациите не треба да се користат за „создавање закана за националната безбедност, нарушување на јавниот ред, законските права или интересите на другите“.

Кинеската управа за сајбер безбедност ќе тестира и мобилни апликации за „скриени ризици за безбедноста на податоците“. Доколку се утврдат прекршоци, ќе бидат известени сопствениците на апликациите или ќе биде суспендирано работењето на апликациите.

Претходно оваа недела беше објавено дека кинеските компании кои планираат да се регистрираат во странство ќе бидат подложени на контроли за сајбер безбедноста од средината на февруари. Ова се однесува на компании и платформи кои обработуваат податоци од повеќе од 1 милион корисници.

Овој потег е диктиран од грижите за националната безбедност, бидејќи збирките на кориснички податоци може да бидат „злонамерно користени од други влади“.