Кина стана скапа за H&M, се сели во Африка

41

hmШведскиот произведувач на облека H&M, поради зголемувањето на трошоците на производство во Азија, најави отворање на фабрика во Етиопија, пишува Wall Street Journal.

“Како глобална компанија што расте, мора да наоѓаме начини да гарантираме дека имаме капацитет да испорачаме производи во сите наши продавници. Тоа го правиме така што го прошируваме производството во нашите постоечки производствени области и барајќи нови”, изјави портпаролот на компанијата, Камила Емилсон Фалк.

Етиопија не е неискусна во текстилната индустрија и има агресивен план за развој за следните неколку години. Владата на оваа земја сака да ја ревитализира оваа индустрија и планира до 2016 година да извезе текстил во вредност од една милијарда долари. За да ја постигне оваа цел, на странските инвеститори кои треба да ги модернизираат машините и фабриките, освен инфраструктура им нуди и финансиска поддршка. Во изминатите години, Етиопија ги привлекуваше странските инвеститори со конкурентни каматни стапки, евтина земја и работна сила и даночни олеснувања. Првата текстилна фабрика во земјата е изградена во 1939 година, за време на италијанската окупација.

За H&M Етиопија има и географска предност, со оглед на тоа дека е поблизу до главните европски пазари, па така транспортните трошоци ќе бидат помали, а роковите на испорака пократки.

Скоро 80% од производството на оваа шведска компанија е сместено во Кина, Индија, Бангладеш и Југоисточна Азија. Во периодот од 2004 до 2012 година, платите во Кина се зголемени за 181% и растот продолжува. Во кинескиот текстилен сектор минатата година дојде до скок на заработката од 25%, додека годинава се очекува раст од 20%. Во некои делови на Кина минималните плати на работниците во секторот достигнаа до ниво на оние во Романија и Бугарија.