Кинеската Chery Auto планира да инвестира милијарди евра во Европа

21

Кинескиот производител на автомобили Chery Auto е подготвен да инвестира милијарди евра во маркетинг и развој на брендовите Omoda и Jaecoo во Европа во следните три години, а наводно размислува и за изградба на уште една фабрика во Источна Европа.

Chery Auto ги лансира Omuda и Jaecoo во Европа оваа година, со првичен фокус на возилата со бензински мотори. Откако ќе започне продажбата во Шпанија, Италија, Полска и Велика Британија, во наредните месеци ќе бидат вклучени повеќе земји, како и хибридни и целосно електрични модели.

Кевин Ченг, извршен директор на Omoda и Jaecoo за Италија, рече дека одредниците за тие брендови се Kia, Hyundai, Nissan и Volkswagen.

„Беа потребни речиси 20 години јужнокорејската Kia да стане сигурен бренд во Европа, а нашата цел е да го изградиме тој статус во рок од три години“, рече Ченг.

„Плановите за инвестирање во маркетинг и развој на бренд во Европа се доверливи, но се работи за огромна сума пари, милијарди евра“, додаде тој.

Извозните марки на Chery, Omoda и Jaecoo, не дадоа кумулативни бројки за продажбата во Европа, но рекоа дека продале речиси 150.000 возила во првите осум месеци од оваа година. Европската унија предлага дополнителна царина од 20,7 отсто за автомобилите Chery, како дел од планираните царини за електрични возила произведени во Кина.

„Тоа е предизвик. Сакаме да воспоставиме добри односи со ЕУ. Производството на автомобили во Европа ќе ни помогне да ги избегнеме тарифите“, рече Ченг, истакнувајќи, сепак, дека ЕУ предлага пониски тарифи за Chery отколку за производителите како SAIC Motor.

Најголемиот кинески производител на автомобили по обем на извоз до крајот на годината треба да започне со производство во неодамна купената фабрика во Барселона, првата производствена локација во Европа, во соработка со шпанскиот партнер ЕВ Моторс, пренесува Хина. Групата исто така разгледува опции за друга локација во Европа.

Италијанската влада веќе е во преговори со Chery и други кинески производители на автомобили, вклучително и Dongfeng Motor, за да го поттикне домашното производство на автомобили. Chery ја разгледува и Источна Европа како опција за втора локација за производство, изјави извор за Ројтерс.