Кинеската побарувачка ја зголемува цената на нафтата

70

Цените на нафтата се стабилизираа над 85 долари за барел на меѓународните пазари во четвртокот, поддржани од очекувањата за зголемување на побарувачката во Кина и новите ограничувања на рускиот извоз што сигнализираат тесна понуда.

Попладнево, цената на барел северноморска нафта брент на европскиот пазар е 86,54 долари, додека Texas WTI чини 80,65 долари за барел.

Трговците беа загрижени од податоците кои покажуваат пад на индустриското производство, цените на производителите и продажбата на мало во САД во декември, што ги подгрева стравувањата од рецесија.

„Неочекувано силен пад на цените на производителите во САД, падот на продажбата на мало и големиот пад на производството минатиот месец повторно ги поттикнаа стравувањата за економските трошоци за зголемување на каматните стапки“, рече Тамас Варга од PVM, пренесува Ројтерс.

Пазарите повторно се фокусираа на прогнозите за закрепнување на побарувачката во Кина по олеснувањето на мерките за коронавирусот.

Шефот на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), Фатих Бирол, изјави во Давос дека понудата може да се доближи до побарувачката оваа година, додавајќи дека се надева оти цените нема дополнително да се зголемат за да се намали притисокот врз земјите во развој.

„Ако кинеската економија закрепне оваа година, како што очекуваат многу финансиски институции, би можеле да бидеме сведоци на силна побарувачка“, рече Бирол, а руската нафтена индустрија ќе се соочи со големи предизвици на долг рок.

ИЕА очекува рекордна побарувачка за нафта оваа година, сепак, предупредувајќи на зголемена неизвесност. Според нив, понудата би требало значително да забави поради очекуваниот пад на производството во Русија.