Кинески и американски технолошки гиганти се лидери во емисиите на стакленички гасови

Кинеската фирма Чајна Мобил (China Mobile) се наоѓа на првата позиција на листата на најголеми испуштачи на гасови кои предизвикуваат ефект на стаклена градина меѓу водечките технолошки корпорации. Веднаш по неа, како втор најголем емитер, е американскиот гигант Амазон, покажува најновиот извештај на Меѓународната унија за телекомуникации (ITU), објавен денес.

Студијата опфатила анализа на 200 технолошки компании, од кои 166 ги обелоденија своите емисии за 2023 година. На третото место се наоѓа Samsung Electronics од Јужна Кореја, по што следуваат China Telecom, China Unicom и тајванската компанија за полупроводници TSMC.

Alphabet (компанијата-мајка на Google) и Microsoft се рангирани подолу на листата, додека Meta е на 15-то, а Deutsche Telekom на 18-то место.

„Напредокот во дигиталните иновации, особено вештачката интелигенција, ја зголемува потрошувачката на енергија и глобалните емисии“, изјави генералната секретарка на ITU, Дорин Богдан-Мартин.

Огромната енергија која е неопходна за тренирање, складирање и функционирање на моделите на вештачка интелигенција е клучен фактор за ова зголемување.

Според извештајот, побарувачката на енергија во дата-центрите, кои се од суштинско значење за вештачката интелигенција, пораснала за околу 12 проценти на годишно ниво помеѓу 2017 и 2023 година, што е четири пати побрзо од целокупната глобална потрошувачка на енергија.

ITU, како тело на Обединетите нации, е задолжена за одржлив развој на телекомуникациите. Меѓународната агенција за енергија (IEA) проценува дека дата-центрите учествувале со 1,5% од светската потрошувачка на електрична енергија во 2024 година, а се очекува оваа побарувачка да се зголеми двојно до 2030 година. Од вкупната потрошувачка, 45 проценти се во САД, 25 проценти во Кина и 15 проценти во Европа.