Кинескиот BYD за прв пат ja надмина Tesla во Европа

Кинескиот производител на автомобили BYD за прв пат продаде повеќе електрични возила (EV) во Европа од Tesla, според извештајот на JATO Dynamics. Застарената гама на модели и сомнителните политики на извршниот директор на компанијата, Илон Маск, се чини дека негативно влијаеле врз побарувачката за автомобили на американскиот производител на електрични возила.

BYD, кој исто така произведува хибридни возила со приклучок, регистрираше 7.231 електрични возила (BEV) во Европа во април, додека Tesla регистрираше 7.165 возила.

„Ова е пресвртница за европскиот пазар на автомобили, особено кога ќе се земе предвид дека Тесла е лидер на европскиот пазар на електрични возила со години, додека BYD официјално започна со работа надвор од Норвешка и Холандија дури на крајот на 2022 година“, рече глобалниот аналитичар на JATO Dynamics, Фелипе Муњоз.

Побарувачката за електрични возила во Европа останува стабилна, објави Ројтерс. Регистрациите на електрични возила се зголемија за 28 проценти во април 2025 година во споредба со минатата година, главно поради кинеските марки автомобили.

И покрај царините на ЕУ за електрични возила произведени во Кина, регистрациите на вакви автомобили се зголемија за 59 проценти во април на годишно ниво, додека производителите на автомобили од Европа, Јапонија, Јужна Кореја и САД забележаа раст од 26 проценти.

„Тесла“ го објави својот прв пад на годишните испораки минатата година, а аналитичарите очекуваат уште еден пад оваа година по падот од 13 проценти во првиот квартал. Маск претходно оваа недела изјави дека Тесла веќе има силна побарувачка во сите региони освен во Европа.