
Кинескиот извоз на автомобили се зголеми за 63,7 отсто во 2023 година, додека домашната продажба поттикната од владините субвенции се зголеми за 4,2 отсто на крајот на годината, објави во четвртокот Кинеската асоцијација на производители на автомобили.
Зголемувањето на извозот, на 4,1 милиони, би можело да ја стави Кина над Јапонија како број еден извозник на автомобили во светот, пишува Бета.
Кинеските производители на автомобили силно го зголемија извозот поради потребата од раст бидејќи кинеската економија забавува. Тие, исто така, драматично ги зголемија инвестициите во електрични возила, додека владините субвенции ја трансформираа Кина во најголемиот светски пазар за електрични возила, иако вкупната продажба на автомобили стагнира.
Продажбата на автомобили во Кина минатата година изнесуваше 21,9 милиони автомобили, што е намалување од врвот од околу 24 милиони во 2017 година. Бумот на продажбата на рускиот пазар помогна да се зголеми кинескиот извоз во 2023 година, бидејќи европските и јапонските производители се повлекоа поради војната во Украина.
Кинеската асоцијација за патнички автомобили соопшти претходно оваа недела дека побарувачката во Русија и соседните земји забавува, а идниот раст на извозот ќе зависи од проширувањето на продажбата на електрични возила во странство, како што се пазарите во Југоисточна Азија, Европа и Австралија.
Здружението на производители не дава податоци за продажбата на електрични возила, но податоците објавени од Здружението за патнички автомобили покажаа дека електричните возила учествуваа со 24 отсто од продажбата на нови автомобили во Кина во 2023 година, во однос на 12 отсто во 2021 година.











