Кинескиот јуан влезе како валута за меѓународна резерва на ММФ

128

kineski juan

Националната кинеска валута влегува во кошницата на валути за специјални права за влечење (СПВ), соопшти Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

Ова е за прв пат по повеќе од 15 години да се најде нова валута што ги сочинуваат специјалните права за влечење на ММФ. Со оваа одлука, кинескиот јуан (ренминби*) се приклучи на американскиот долар, британската фунта, јапонскиот јен и еврото.

“Одлуката на Извршниот одбор на ММФ да ја вклучи Кина во специјалните права за влечење е важна пресвртница во процесот на интеграција на кинеската економија во глобалниот финансиски систем. Исто така, претставува признание за напредокот на кинеските власти коишто во изминатите неколку години спроведоа значајни монетарни и финансиски реформи во земјата“, изјави Кристин Лагард, извршната директорка на ММФ.

Кошницата на СПВ ќе биде: 41,73% за долар, 30,93% за евро, 8,09% за фунта и 8,33% за јен. Јуанот ќе се приклучи од први октомври следната година и ќе има 10,92% удел.

СПВ е посебна меѓународна резерва на средства, што ја создаде ММФ во 1969 година, како дополнување на официјалните девизни резерви на земјите членки на фондот. Составот и вреднувањето на СПВ се ревидира на секое пет години, за да го утврди релативното влијание на валутите во глобалната трговија и нивните финансиски системи.

*ренминби е официјалната валута на Народна Република Кина и во превод значи “народни пари. Нејзиниот интернационален симбол е CNY (CNH in Hong Kong, кратенката е RMB, со симболот ¥).