Кинеските крипто „копачи“ во егзил го поттикнуваат глобалниот рударски бум

89

Кинеската забрана за ископување криптовалути предизвика иселување на „рударите“ во мај и глобална трка за преместување на милиони незгодни, енергетски интензивни машини кои се користат за правење сложени математички пресметки кои произведуваат биткоини. Четиринаесет од најголемите светски компании за криптовалути преселиле повеќе од 2 милиони машини од Кина во месеците по забраната, според податоците собрани од Financial Times.

Лавовскиот дел од машините брзо беше префрлен во САД, Канада, Казахстан и Русија. „Bit Digital“, една од најголемите компании за ископување крипто, регистрирана во Соединетите држави, ангажираше меѓународна логистичка компанија за транспорт на нејзините машини од Кина и сè уште чека дел од речиси 1.000 машини да бидат пуштени од пристаништето во Њујорк.

„Ја започнавме миграцијата во март 2020 година, што се покажа како одличен потег. Кога беше објавена забраната, имавме 20.000 рудари во Кина“, рече Сем Табар, главен стратешки директор на „Bit Digital“.

Сепак, компанијата соопшти дека мора да се откаже од 372 машини во Кина, кои „го достигнале крајот на својот корисен век“.

Осум од 10-те најголеми јавни мега-фарми во Северна Америка го зголемија бројот на машини во нивните паркови по забраната во Кина, според податоците на ФТ.

Кога стапи забраната, компанијата за рударство на криптовалути во Торонто, Hut8 беше бомбардирана со понуди од панични кинески продавачи, рече Сју Енис, потпретседател за корпоративен развој и односи со инвеститорите.

„Добивме повици од добавувачи кои беа прилично нетранспарентни и еднострани“, рече таа. „Тие сакаа да платиме 20 милиони долари без право на регрес доколку опремата не дојде или дојде скршена“. Компанијата на крајот додаде 24.000 машини во јуни од кинеската компанија MicroBT.

„Ликвидациите“ предизвикани од забраната на Кина доведоа до пад на цената на Antminer S19, популарен модел меѓу индустриските рудари, за 41,7% од мај до јули, според анализата на рударската компанија Luxor mining.

Кинескиот производител на машини за копање криптовалути Bitmain, производителот на S19, продаде 30.000 машини на Marathon Digital Holdings, рударска компанија со седиште во Лас Вегас, во август; додека Terawulf со седиште во Мериленд купи уште 30.000. Компанијата во јуни објави дека ја прекинува продажбата на своите машини за „да ја олесни непречената транзиција на индустријата“ и да го намали „високиот притисок“ на пазарот.

Надвор од Соединетите држави, Казахстан стана водечки центар за криптовалути. Податоците на FT покажуваат дека најголемиот дел од машините што одат во Казахстан доаѓаат од кинеската рударска компанија Bitfufu, која испорача 80.000 машини на фармите во Казахстан и BIT Mining, која испорача 7.849 машини до август.

Друг кој ја искористи забраната во Кина беше Русија. Во неделите по забраната, компанијата за хостирање на инфраструктурата, Bit Cluster, со седиште во Москва, доби повеќе од 5.000 машини од Кина, додека руската компанија за криптокопање BitRiver рече дека „прибрал“ 200.000 машини од кинески рудари во егзил, испорачани во серии.

„Фокусот на пазарот се префрли од недостаток на опрема кон недостаток на простор за негово поставување“, рече Роман Забуга, портпарол на BitRiver.

Неколку недели пред забраната, компанијата мораше да одбие договор со кинески клиент кој сакаше да истовари уште еден милион машини, рече тој.

Според Јаран Мелеруд, истражувачки аналитичар во Arcane Crypto, нешто помалку од 700.000 кинески машини не биле повторно вклучени од забраната и најверојатно ќе останат во складиште. Бидејќи многу од нив се машини од постарата генерација, како што е Antminer S9, поскапо е да се испорачаат на места како САД. Во јули цената на S9 падна на само 367 долари.

Ова доведе до ширење на машините од постарата генерација на помалку воспоставени рударски локации како што се Венецуела или Парагвај, каде што има помала регулаторна стабилност, но поевтини цени на електричната енергија.

Хуан Хозе Пинто, ко-основач на Doctor Miner, компанија за криптовалути во Каракас, рече дека кинеската забрана е „одлична можност“.

„Досега нѐ контактираа три различни големи кинески рудари за да бидеме домаќини на околу 7.000 машини“, рече тој. „Да имавме ресурси, би можеле да прифатиме многу повеќе“.

Пинто рече дека компанијата му плаќа околу 0,01 долари за kWh електрична енергија, што значи дека тој може ефективно да користи постари, помоќни машини како Antminer S9s. Иако овие машини се нестабилни и поподложни на оштетување, Пинто и неговиот тим пронајдоа различни начини да ги задржат во функција.

„Имаме она што го нарекуваме „гробишта“, каде што ставаме машини кои не работат, но имаат делови што работат“, рече Пинто.

„Ако имам една машина со четири скршени делови и друга машина со шест скршени делови, ги составувам заедно и се надевам дека ќе создадам еден добар „рудар“.

Digital Assets, компанија со седиште во Асунсион, се подготвува да прифати 15.500 машини во наредните месеци, но се соочува со конкуренција од локалните Парагвајци кои почнаа сами да купуваат машини и да копаат. И поради оштетената економија на Венецуела, ископувањето криптовалути е начин локалното население да го надополни својот приход.

„Луѓето копаат во своите куќи со само една машина“, рече Пинто. „Во другите земји има неколку големи играчи со фарми, овде има илјадници луѓе со мали фарми. Заработувањето дополнителни 100 долари месечно е огромна разлика за нив“.