Кинези ја преземаат најголемата фабрика за чипови во Велика Британија

77
Closeup of electronic circuit board with CPU microchip electronic components background

Кинеската компанија за производство на полуспроводници Nexperia треба да ја преземе фабриката Newport Wafer Fab – NWF, најголемиот производител на чипови во Велика Британија, за околу 87 милиони долари следната недела, објави CNBC.

Nexperia, холандска компанија која е 100% сопственост на кинеската Wingtech Technology, за американската ТВ станица изјави дека преговорите за аквизиција се во тек.

Фабриката за чипови NWF во Њупорт, Јужен Велс, основана во 1982 година, е во приватна сопственост и е една од ретките компании производители на полуспроводници во Велика Британија.

“Ние сме во конструктивни преговори со раководството на NWF и владата на Велс за иднината на фабриката. Не можеме да коментираме понатаму додека не ги завршиме преговорите“, изјави портпаролот на Nexperia.

Преговорите доаѓаат во време на глобален недостиг на чипови, поради што многу земји се обидуваат да станат понезависни кога станува збор за производство на полуспроводници. Денес чиповите најмногу се произведуваат во Азија, при што тајванскиот TSMC, јужнокорејскиот Samsung и кинескиот SMIC се меѓу најголемите производители во светот.

Фото: Freepik