
Извозот на германски вина силно порасна во првиот квартал од оваа година. Во однос на количината и вредноста, тој е за девет отсто поголем од истиот квартал од 2023 година, објави во четвртокот Германскиот институт за вино.
Во странство се продадени околу 283.000 хектолитри за околу 92 милиони евра.
Извозот во Кина порасна особено силно – за 47 отсто на 5,4 милиони евра и за 49 отсто на околу 10.000 хектолитри. Двоцифрен скок на прометот и продажбата остварија и германските винари во Холандија, Јапонија и Данска.
Прометот веќе е зголемен за четири отсто минатата година во однос на 2022 година, најмногу поради поскапувањата. За литар вино, производителите добиле приближно 3,35 евра од април 2023 до март 2024 година, што е за 13 центи повеќе од 2022/2023 година.











