Кишида:„Ќе ни треба време за постепено укинување на увозот на руска нафта“

37

На Јапонија ќе и треба време постепено да го укине увозот на руска нафта, изјави премиерот Фумио Кишида по онлајн состанокот на Г7.

На состанокот во неделата, земјите од Г7 ветија дека ќе забранат или целосно го прекинат увозот на нафта од Русија, без да наведат точно какви обврски презеле секоја од членките Германија, Канада, САД, Франција, Италија, Јапонија и Велика Британија, пренесе Ројтерс.

„За земја која е силно зависна од увоз на енергија, тоа е многу тешка одлука. Но, координацијата на Г7 е клучна во вакви времиња“, им рече Кишида на новинарите.

Како што рече јапонскиот премиер, „што се однесува до временската рамка за намалување или запирање на увозот на руска нафта, ќе ја разгледаме додека ја проценуваме реалната ситуација“.

„Ќе одвоиме време да преземеме чекори кон постепено отстранување“, рече Кишида, без да даде детали.

Ниту еден танкер со руска нафта не пристигнал во Јапонија од средината на април, наведува британската агенција.

Во тој месец од Русија во Јапонија пристигнале околу 1,9 милиони барели нафта, што е за 33 отсто помалку во однос на истиот месец лани.