Интервју со М-р Христо Кондовски – Извршен директор на СН Осигурителен брокер АД Битола
Осигурителното брокерско друштво СН Осигурителен брокер АД Битола e aкционерско друштво овластено за вршење на осигурително брокерски работи. За почетоците на основањето на компанијата, за видовите на услуги кои ги нудат, колкава е свесноста за потреба од осигурување и кои видови се најпопуларни кај нас , разговаравме со М-р Христо Кондовски – Извршен директор на СН Осигурителен брокер АД Битола.
Бизнис Инфо: СН Осигурителен брокер, компанија присутна на македонскиот пазар скоро шест години. Дали може да се направи паралела како беше на почетоците, а како е денес?
Темелите на компанијата ги поставивме во декември 2014 година. Јас и мојот колега Зоран Пејчиновски со уште тројца вработени ја отворивме првата подружница во Битола, почнавме со јасно определени стратешки цели и голема посветеност. Тоа што тогаш ни изгледаше огромно, со текот на времето стануваше тесно, бидејќи постојано работевме на поставување и континуирано усовршување на работните процеси за кое што беше потребно и проширување на тимот, а притоа предводени од побарувачката за осигурување, а потоа и од задоволните клиенти, ни даде мотив да отвориме подружници низ цела држава. Можеме да се пофалиме дека во овие скоро шест години имаме отворено 28 подружници, во кои работи високообразован стручен кадар со над 110 вработени.
Патот по кој чекоревме за да го стигнеме она што сме денес ни наметнуваше многу предизвици, но експертизата и балансираното управување со фирмата, посветеноста и придонесот на нашиот тим е главната причина за нашиот успех. Пријатната и пријателска атмосфера која што владее меѓу нашиот тим и тимското целење кон тоа да им ги нудиме на клиентите најдобрите и најповолните услуги на најдобар можен начин е она што го согледуваат клиентите. Па затоа можам слободно да кажам дека главната цел што беше поставена на почетокот е исполнета, СН Осигурителен Брокер АД Битола е лидер и најголем осигурителен брокер на пазарот за осигурување во нашата држава.
Бизнис Инфо: Во Македонија ги имаме речиси сите познати осигурителни компании. Од каде идејата да се почне брокерска компанија, знаејќи дека сите тие си имаат продажни сектори внатре во компаниите?
За да се започне со било што најпрво потребно е да се направат анализи, па така и ние ги направивме сите можни анализи на пазарот во поглед на понудата и побарувачката, детално ги разгледавме сите статистички податоци кои ги добивме како резултат на аналитичкото истражување и дојдовме до сознание дека она што сакаме ние да го понудиме на клиентите и тоа како ќе се разликува од она што веќе конкуренцијата го нудеше, притоа вложувајќи ги сите ресурси со кои располагавме, само за да им понудиме пред се квалитет, а воедно посигурен и побезбеден живот на граѓаните. Имавме голема идеја која со помош на вистински тим во вистинско време ја реализиравме водејќи се на претходно успешно изработена стратегија која не донесе денес тука кај што сме и секако немаме намера тука да застанеме, баш напротив посилни од било кога продолжуваме напред. Наша компаративна предност е WIN WIN моделот, во кој осигурителните компании преку нас ги намалуваат трошоците за продажба на осигурителни услуги и реализирање на штети, додека осигурениците добиваат подобар квалитет, за подобра цена.
Бизнис Инфо: Какви видови на услуги им нудите на вашите клиенти и по што сте препознатливи на пазарот?
Во рамките на нашата компанија совршено добро се развиени сите гранки во осигурувањето, ги нудиме сите видови на осигурување односно и неживотно (Осигурување од автомобилска одговорност, Зелена карта, Осигурување од општа и професионална одговорност, Осигурување при транспорт…) и животно осигурување (Осигурување на живот, Дополнително здравствено осигурување…).
Но кога веќе треба да се издвои, можеби за нијанса повеќе интерес има за осигурување на имот, сточарството и земјоделието.
Бизнис Инфо: Колку како земја имаме развиена свесност за потреба од осигурување и кои видови се најпопуларни кај нас?
Анализирајќи од денешен агол, факт е дека нивото на развиеност за свест кај граѓаните е на повисоко ниво од порано. Со оглед на тоа дека живееме во многу динамично време, каде постојано сме изложени на секаков вид на опасност, брзиот начин и темпо на живот, како и променливите природни и климатски услови кои можат да уништат и оштетат цели парцели на посеви и плодови, им предизвикуваат огромни штети на граѓанинот и токму поради овие непредвидливи ситуации, потребата за осигурување на побезбеден и посигурен живот се повеќе и повеќе се зголемува. Земајќи го во предвид горенаведеното, СН Осигурителен брокер АД Битола секогаш е тука кој нуди беспрекорни решенија за сите видови опасности и неприлики кои можат да се појават во денешницата.
Според поделеноста на задолжителни и незадолжителни осигурителни услуги, најпопуларни во делот на задолжителни е Осигурување од автомобилска одговорност, а во делот на незадолжителни се Патничко осигурување и Осигурување на имот и домаќинство, но доста актуелно станува и Приватно здравствено осигурување каде што граѓаните се повеќе ја чувствуваат потребата од оваа осигурителна услуга, особено трудниците на кои ние како компанија им ги покриваме трошоците за породувањето и тоа 70%, а останатите 30% се на трошок на клиентот.
Бизнис Инфо: Нудите земjоделско осигурување – дали сте по тоа единствени и кои се предностите на земјоделците од користење на вашите услуги и дали е забележан тренд на пораст кај овој вид осигурување?
Нескромно истакнуваме дека сме лидери во земјоделското осигурување помеѓу брокерските друштва и воопшто на цел осигурителен пазар. Овој успех се должи на нашата активна вклученост во донесувањето на законски мерки и начинот на обесштетување на земјоделците, како и нивно целосно информирање.
Успехот исто така се должи на професионалниот тим на вработени кои имаат отворен пристап кон должностите што ги вршат. Благодарение на професионалниот тим од Сектор за земјоделие што дејствува и работи синхронизирано резултира со тоа што СН Осигурителен брокер АД Битола се стекна со традиционални осигуреници, односно наши следбеници, соработници па и наши деловни партнери. Нашите клиенти добиваат дополнителна и двојна заштита, комплетно објаснување, без документи со “ситни букви“, едноставно, со направената полиса клиентите добиваат пријатели, односно партнери во работата.
Во однос на финансиската поддршка за земјоделците од МЗШВ каде што 60% од вредноста на полисата е покриена, остатокот, односно 40% од износот што треба да го плати осигуреникот, ние му нудиме големо олеснување, со тоа што овозможуваме плаќање на 12 рати, без камата.
Големото влијание на непредвидливите временски услови кои во одредени региони од државата го оштетуваат тотално приносот на земјоделецот, тврдиме дека свеста за потреба на осигурување се повеќе и повеќе се зголемува, но исто така тоа можеме да го утврдиме и со нашето активно работење со земјоделците, како во изминатите години, така и оваа година продолжуваме со засилен интензитет.
Бизнис Инфо: Дали и колку актуелната пандемија се рефлектира врз осигурителниот сектор во земјава и на кој начин се справувате со предизвиците?
Новонастаната криза поради Корона вирусот COVID 19, која зазема сè поголем замав на нашите простори, придонесе намалување на целокупното функционирање и работење на СН Осигурителен брокер АД Битола. Се чувствуваат последици во сите сектори на компанијата, а особено во делот на наплатата која за нас претставува примат и показател на моменталното и идното финансиското работење. Нашите клиенти од кои треба да се извршува наплата се од различен профил, меѓутоа најчесто и најголемиот број доаѓаат од бранша на оние кои стагнираат со своето делување и работење или пак воопшто не функционираат и нивните бизниси се ставени во мирување, особено како што се туристичките агенции во кои имаме значителна клиентела. Овие се неколку од причините, поради кои имаме намалување на наплатата. СН Осигурителен брокер АД Битола будно, непрекинато и постојано ги следи законските уредби и донесените одлуки од страна на Владата на Р.С. Македонија и истите ги применува во целост.
Бизнис Инфо: Вашето име е меѓу 40-те најуспешни и најамбициозни млад бизнис лидери под 40 години во Југоисточна Европа. Што ви значи оваа награда?
Сатисфакција е кога Бордот на судии составен од признати бизнисмени и јавни личности од Европа и светот ќе го препознае Вашиот ентузијазам, посветено работење и печат во работата и ќе ве награди. Да се биде дел од 40-те најуспешни и најамбициозни млади бизнис лидери е голема награда знаејќи дека цела напорна работа во текот на годините ќе се валоризира со признание како оваа на Business Elite’s “40 under 40“. Исто така создава чувство на задоволство и поттик за уште поголема истрајност и самопосветеност во работењето, но истовремено и дополнителна мотивација за реализирање на многубројните идни планови.
Бидејќи тимската работа е пресудна за успех, за оваа награда благодарен сум и на мојот тим кој стои позади секоја успешно завршена работа, кој придонесува за раст и развој на СН Осигурителен брокер АД Битола. Привилегија за мене е да бидам лидер на тим со ваква желба, страст, посветеност мотивација и интеракција.