Клубот на милионери во Германија расте

45

Бројот на Германци чии приходи надминуваат еден милион евра се зголемил во 2019 година за 4,6 отсто.

Меѓу сите граѓани кои се обврзани да плаќаат данок на плата или приход, имало 27.400 од оние чија годишна заработка надминала еден милион евра, објави во понеделникот Федералниот завод за статистика, пренесува ДПА.

Тоа беше околу 1.200 луѓе повеќе од една година порано. Според податоците на заводот за статистика, за најголем дел од овие лица (58 отсто) главен извор на приходи била некоја претприемничка активност.

Во однос на вкупниот број на даночни обврзници, пропорционално најголем број од тие милионери живееле во Хамбург во 2019 година, како и во претходните години. Таму 12 од 10.000 граѓани кои се обврзани за данок на доход имале приходи над еден милион евра.

Во Баварија имало девет од нив на 10.000 даночни обврзници.

Најмал број е регистриран во Саксонија-Анхалт и Тирингија на исток, со помалку од два милионери на 10.000 даночни обврзници.

Вкупно, 42,8 милиони германски даночни обврзници оствариле приход од 1,9 милијарди евра во 2019 година, што е за 81 милијарда повеќе отколку во 2018 година.

Највисок данок од 45 отсто, таканаречен данок за богатите, морале да платат 114.500 германски граѓани, што е за 2.200 повеќе од 2018. Нивното учество во вкупниот приход бил 6,6 отсто, а во вкупниот данок платени 13,2 отсто.

Во 2019 година, највисок данок се наплатуваше за годишни приходи поголеми од 265.327 или 530.654 во случај на заедничка даночна пријава, на пример за брачни партнери.