Клучно е да се разбере визијата на клиентот и да се претвори во супер квалитетен продукт

901

Клучно е да ја разберете визијата на клиентот и истата да ја претворите во супер квалитетен продукт кој најдобро ги адресира целите на клиентот, но и потребите на крајните корисници. Ова во интервју за Бизнис Инфо го истакна Нино Карас, извршен директор и соосновач на CodeWell.

Бизнис Инфо: Вие сте еден од основачите на ИТ компанијата CodeWell, којашто постои од 2011 година. Кои се најголемите и најзабележителни успеси што би ги издвоиле за овие осум години?

CodeWell како компанија беше основана со визија да направиме светски продукт, па најголемите успеси на CodeWell ги гледаме директно во нашите продукти и стартапи.

Почнавме во време кога во нашата држава не постоеше старт – ап екосистем, немаше бизнис акцелератори, ниту можности за финансирање и инвестиции во старт – ап компании. Поради тоа, се соочувавме со многу предизвици и скептицизам, моравме за многу работи да бидеме први од нашата држава со цел да докажеме дека може да се успее, а со тоа и да мотивираме уште многу млади претприемачи.

Нашата компанија MarkO беше првиот македонски старт – ап кој беше дел од еден од најдобрите Европски Акцелератори (Rockstart Accelerator, Amsterdam, 2015 година).

Нашиот старт – ап Letz беше првата македонска компанија која доби Venture Capital инвестиција (South Central Ventures, 2016 година), но и првата европска компанија која ја доби Product Hunt – Product of the Year наградата во Силиконската долина, натпреварувајќи се со светски познати компании како Google, Duolingo, Slack, итн.

Сепак, можеби најголем успех за мене лично е тоа што компанијата која беше основана од двајца студенти, денес е наградувана интернационална ИТ компанија. Нашиот тим се состои од дваесетина брилијантни луѓе во две канцеларии, Скопје и Осло. Нашето портфолио вклучува неверојатни компании како Sony Music Entertainment, T-Mobile, А1 Телеком Австрија, итн. За нашите продукти имаат напишано и светски најпопуларните магазини и портали како Forbes, The Huffington Post, Tech Crunch, и многу други.

Бизнис Инфо: Што е пресудно за да се изработи добра апликација – знаење, искуство, решавање на конкретен проблем или нешто сосема друго?

За да се изработи добар продукт, без разлика дали станува збор за Chatbot или мобилна апликација, пред сè е потребно добро да знаете кој проблем го решавате со продуктот и за кого истиот е наменет. Потоа, потребно е да најдете едноставен начин да го решите проблемот без разлика колку тој е комплициран. Секако, на крај треба да го имате потребното знаење за тоа да го реализирате во квалитетен продукт, кој има одлично корисничко искуство и ги задоволува сите наоди и препораки зададени од платформите за кои e наменет.

Бизнис Инфо: Што е клучно за успешна соработка со компании како што се Sony Music, T-Mobile, Heineken…? Дали се скептични дека соработуваат со компанија од мала земја и кои се вашите адути за успех?

Клучно е да ја разберете визијата на клиентот и истата да ја претворите во супер квалитетен продукт кој најдобро ги адресира целите на клиентот, но и потребите на крајните корисници. Порано почесто, меѓутоа сè уште се случува да се сретнеме со скептицизам и сомневање за квалитетот на нашите услуги, во ситуации кога за првпат остваруваме контакт со големи интернационални компании, поради земјата и регионот од кој потекнуваме.

Сепак, портфолиото кое го имаме направено и квалитетот на постоечките продукти се големо олеснување за нас и така успеваме да ја добиеме првата фаза на соработката, по која веќе се оформува доверба и најчесто резултира во долгогодишна соработка.

Бизнис Инфо: Како изгледа еден регуларен ден на сериски, успешен и млад претприемач во земјава?

Ова е прашање на кое не можам да одговорам многу прецизно, бидејќи мојата агенда е доста динамична и променлива и често инволвира бизнис патувања. Сепак ќе се обидам да сумирам:

Денот ми започнува со читање и одговарање на меилови, кратко прегледување на неколкуте tech и бизнис магазини кои ги следам, во паралела со утринското кафе.

По ова следи секојдневниот краток stand up состанок со менаџерскиот тим на CodeWell, којшто ги вклучува tech лидерите и проектните менаџери, на кој се сумира претходниот ден како и очекувањата за тековниот ден, но и се адресираат сите предизвици кои можат да предизвикаат проблеми во работата.

Потоа, продолжува активната агенда за денот, која ми е испланирана и пополнета неколку денови претходно, а вообичаено се состои од бизнис состаноци со клиенти, product development состаноци за нашите продукти, како и тековни финансиски и стратешки планирања и обврски.

Бизнис Инфо: Добитник сте на престижна награда од European Business Awards. Кои ваши карактеристики и успеси се препознаени како исклучителни за да бидете Претприемач на годината?

CodeWell е компанија веќе позната за European Business Awards наградите, бидејќи во 2014-та година ја добивме наградата за најдобра старт – ап компанија од Македонија.

Оваа година беше навистина многу значајна за нас. Најпрвин, ја проширивме нашата компанија во Скандинавскиот регион и ја основавме CodeWell Scandinavia со канцеларии во Осло, Норвешка. Додека пак, нашиот најнов продукт CodeWell AI (www.codewell.ai) е на работ да промени повеќе индустрии со автоматизирање на цели оддели, преку виртуелни асистенти со вештачка интелигенција.

Претпоставувам дека ова беше клучното заради што оваа година, после пет години откако ја добивме наградата за најдобра старт – ап компанија во Македонија, жирито на European Business Awards се реши да ни ја додели наградата во главната категорија – Претприемач на годината.

Бизнис Инфо: Најавувате ширење на работата кон скандинавските земји. Кои се предизвиците и на што треба да се прилагодите за да се вклопите кон нивниот систем?

Бидејќи во нашето портфолио имаме многу компании од Скандинавските земји, нам Скандинавскиот регион и начинот на работа на тамошните компании ни е веќе добро познат. Отворањето на CodeWell Scandinavia има за цел да го олесни пристапот кон стекнување на нови клиенти од овој регион, но и да ја олесни комуникацијата и секојдневното работење со веќе постоечките.

Бизнис Инфо: Ќе зборувате на претстојниот Самит Македонија2025. Кои се вашите очекувања, на што ќе се фокусирате при Вашето излагање?

Чест ми е што добив покана оваа година да бидам панелист на Самитот Македонија 2025, на кој сум дел од панелот со наслов “Macedonian Platform Companies: Success Stories”. На панелот ќе ја споделам приказната и досегашното искуство со нашиот продукт CodeWell AI, кој претставува напредна технолошка платформа за создавање паметни дигитални асистенти кои доаѓаат во форма на чет ботови.

Со оваа платформа ние им помагаме на бизнисите да автоматизираат цели оддели преку асистенти базирани на вештачка интелигенција, што резултира со големи заштеди кај компаниите, но и директно зголемување на профитот.

Мислам дека моето излагање ќе биде од интерес за сите присутни, но особено за луѓето заинтересирани за имплементирање на дигитална трансформација во сопствените компании со цел остварување на поефикасно работење.