Кочовски: Македонските производители на челик не паметат успешна година како оваа

203

Неколкукратното зголемување на побарувачката за челик кое засега не покажува знаци на забавување ги надмина и најоптимистичките планови на македонските производители на челик. За ефектите од овие состојби врз метало-преработувачката индустрија, но и врз вкупната македонска економија во интервју за Локално мк зборува еден од најистакнатите аналитичари за состојбите во челичната индустрија, Митко Кочовски.

“Вакви поволни ценовни состојби нашава челична индустрија немала многу одамна со повеќе од двојно повисоки износи споредени со минатата година. До кога ќе се задржат овие поволни пазарни трендови никој не може со сигурност да каже, но потврдените нарачки за наредните неколку месеци гарантираат успешна деловна година кај производителите на овој многу влијателен сегмент на економијата на земјата’’, вели Кочовски кој е и поранешен директор на Макстил, а ја вршеше и функцијата претседател на Здружението на металургија при СКМ.

Како исклучително позитивен факт го посочува нагласениот притисок за зголемување на производството на трите домашни производни капацитети, Макстил, Либерти груп и Дојран стил кои се извозно ориентирани и имаат големо влијание на вкупните економски текови. Посочува дека овие пазарни движења ќе имаат позитивно влијание и кај поврзаните производни субјекти и на влезната и на излезната страна.

Фото: Freepik