Фото: Pixabay
Повеќе пати сме се нашле во ситуација кога колку и да сакаме некоја работа да испадне како што треба, едноставно не ни успева во намерата. Во бизнисот има такви безброј примери, каде што менаџерите едноставно веруваат во идејата и продолжуваат понатака и понатака, како што велат старите, “со глава низ ѕид“.
И јас сум бил во иста таква ситуација и секогаш сум си го поставувал прашањето: дали навистина направив сè што е во моја моќ или има уште нешто да се направи? Но, ова прашање, потегнува една цела низа други прашања кои треба да се одговорат, за да може да се каже дали треба да се продолжи со “глава низ ѕид” или сепак треба да се прекине со понатамошни активности!
- Навистина работите не биле добро направени или биле само одложени затоа што сте мислеле дека нема да бидат добро направени?!
- Сте ги извршувале работите колку само да бидат направени или навистина сте се потрудиле да бидат добро направени?
- Колку време поминавте во подготовка?
- Фокусирани сте на што е направено лошо или на она што е направено добро?
- Зошто се направени грешките и каде сте можеле да бидете подобри?
- Дали е до вас или е до другиот/другите (тимот, партнерот/те, соработниците…)? Еј, само немојте веднаш – другиот е крив, тоа е најлесно…
Да се завршат работите најдобро што може е секогаш главна цел. Се разбира, да се развие и да се развива бизнисот е дефинитивна цел. Да се остане здрав и ментално и физички е суштинската цел.
Не е лесно да се откажете, ако навистина верувате дека работата ќе успее, но некогаш можеби е време да кажете, кога не иде, не иде! Време е да прекинам и да почнам нешто друго!