Кои четири економски советници, заминуваат за Варшава, Минхен, Анкара и Абу Даби

105

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денес во рамки на исполнување на предвидените активности кои произлегуваат од мандатна мисија, во насока на ревитализација и зајакнување на економската дипломатија, ги престави првите четири избрани економски советници, кои ќе бидат упатени во рамките на нашите амбасади за да ги предводат и имплементираат економските политики секоја земја и регион посебно. 

Во првиот дел од пилот проектот, Амбасадорот Илија Псалтиров, кој е Доктор по економски науки, ќе биде упатен во Варшава, од каде покрај Полска, ќе ги покрива и останатите земји од групата Вишеград, како што се Чешка, Словачка и Унгарија.

Абдилџемил Саити, ќе оди во Германија, и тоа во Конзулатот во Минхен, од каде ќе се покриваат економските активности и за Австрија – две земји кои се најголемите економски партнери на земјава.

Сузана Тунева, Магистер по меѓународни економски односи, ќе биде испратена во амбасадата во Анкара, секако важна дестинација од економски аспект, имајќи ги предвид длабоките економски релации кои се веќе создадени со Република Турција.

Бекри Ајдини, Магистер по меѓународна економија, кој уште од самиот почеток не само што е вклучен, туку и е задолжен за портфолиото ЕКСПО 2020 Дубаи; тој има веќе специфични познавања на економските односи со Обединетите Арапски Емирати и воопшто регионот на заливот, и соодветно на тоа ќе биде упатен во амбасадата во Абу Даби.

“Задачата на економските советници ќе биде секако да ги престават потенцијалите на Република Северна Македонија како привлечна дестинација за странски инвестиции; да ја промовираат земјата како атрактивна туристичка дестинација; да ги промовираат нашите извозни потенцијали; но и воопшто да ја промовираат Северна Македонија како економски и политички бренд кој претставува дел од современото општество”, истакна Османи.

Покрај испраќањето економски советници, во рамки на проектот за зајакнување на економската дипломатија Османи најави и Видео-конференции со нашите партнери во овие земји и региони.

“Очекувам во текот на наредните месеци, во согласност со протоколите кои ги наметна Пандемијата, да отпочнеме со видео средби и презентации со нашите партнери и колеги од Полска, Чешка, Словачка, Унгарија, Турција, Австрија, Германија, Обединетите Арапски Емирати и земјите од заливот; активност за што примарно ќе бидат задолжени економските советници кои денес ви ги претставив”, нагласи Османи.

Министерот посочи дека во следната фаза од овој, пилот проект, таргет се и неколку мултилатерални економски мисии. Во координација со Министерствата за Земјоделие и за Економија, во втората половина од годинава ќе бидат испратени наши претставници и во Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации или ФАО, во Рим; како и претставник во канцеларијата на Светската Трговска Организација во Женева.

Фото: Pixabay