Кои интернет страници ги посетуваат Македонците

243

Граѓаните на интернет најчесто пристапуваат преку своите мобилни телефони, а најпосетувани страници се Google и YouTube. Околу 57,6% од населението во Северна Македонија или 1,2 милиони граѓани во 2020 година активно ги користеле социјалните медиуми. Најголемиот дел од нив 97,2 % за пристапување на социјалните медиуми ги користеле своите мобилни телефони, покажуваат податоците на Глобалниот дигитален извештај 2021.

Над 76% од граѓаните на возраст над 15 години во 2020 година рекле дека имаат електронска сметка од некоја банка, наспроти само 20% кои рекле дека купуваaт и плаќаат сметки преку интернет.

Според извештајот достапен на DataReportal.com, 82% или 1,71 милион луѓе користеле интернет во Северна Македонија во 2020 година, што е раст од 1,2 % во однос на 2019 година.

Најголем дел од корисниците на интернет пристапувале од своите мобилни телефони – 56,4%, наспроти 42,5% од десктоп или лаптоп компјутер. Само 1,1 % за сурфање на интернет користеле таблет уред, додека 0,04 % тоа го правеле од некоја конзола за играње.

Најмногу од граѓаните или 81% користат Android smartphone додека 18,8 % Apple. Интересно е дека Apple во изминатата година бележи раст од 31%, додека Android пад од 5% на вкупниот број на корисници во нашата земја.

Македонските граѓани во 2020 година на интернет најмногу ги посетувале Google, YouTube, Facebook, додека најчесто пребарувани поими на Google се – превод, Google, Facebook, YouTube, резултати, временска прогноза …,

Најпребарувани поими на видео платформата YouTube се задруга, филм, ГП, Преспав и музика, а во топ 20 се и Биби, Дајте музика и Фортнајт.