Кои правила важат за влез на македонските државјани во Грција до 11 април

152

Актуелните мерки и правила за патување во Грција, односно задолжителниот европски сертификати за Ковид-19, поврзан со вакцинација, прележана болест или негативен резултат од ПЦР/рапид тест, се продолжени за уште една седмица, а меѓу другото важат и за државјаните на Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.

Новата министерска одлука „Предуслови за влез во земјата за ограничување на ширењето на Ковид-19“, веќе е објавена во Службен весник на Грција и стапува во сила денеска, а ќе важи до 11 април 2022 година.

Промени има во однос на времетраењето на одлука и овој пат е една, а не две седмици, како што беше случај досега, како и во одредбите за изолација во случај на позитивен резултат при тестирањето на влезните точки во земјата, одредби кои не се вклучени во новата одлука.

Во однос на документот поврзан со Ковид-19, правилата остануваат непроменети, сертификатот за вакцинација е со важност од девет месеци по втората доза, потврдата за прележана болест трае 180 дена, а доколку се патува со негативен тест, треба да биде направен 72 или 24 часа претходно, во зависност од тоа дали е ПЦР или рапид, а МИА детално ги пренесува правилата за патување во Грција.

Влез во земјата е дозволен за посетители од државите членки на Европската Унија и Шенген зоната и за 35 земји кои се вклучени во системот на ЕУ за дигитален сертификат (European Union Digital Covid Certificate, EUDCC), а меѓу нив и Северна Македонија.

Патниците ќе треба да поседуваат европски дигитален сертификат за Ковид-19, поврзан со вакцинација, прележана болест или негативен резултат по направен ПЦР или рапид тест.

За вакцинираните, сертификатот е валиден доколку се поминати 14 дена од втората примена доза и не повеќе од девет месеци по вакцинацијата, а за лицата кои примиле бустер доза не постојат ограничувања.

Европскиот дигитален сертификат треба да ги содржи основните лични податоци, име и презиме како што се наведени во пасошот, видот на вакцината, бројот на дози и датумот на примање.

Втората опција е со потврда за прележан Ковид-19 по лабораториски тест со ПЦР метод или со брз антиген тест (рапид тест), а согласно министерската одлука, европскиот дигитален сертификат за прележана болеста се издава 14 дена по првиот позитивен тест и неговата важност е до180 дена од истиот.

Третата опција е со потврда за негативен тест, односно негативен резултат од ПЦР тест направен 72 часа пред патувањето или рапид тест 24 часа пред пристигнувањето во Грција.

Конкретните обврски за патување важат и за возрасните, но и за децата со наполнети пет години.

Сите посетители на Грција, независно од државјанството и начинот на влез во земјата, може да бидат подложени на случајни тестирања, а селекцијата се врши согласно здравствениот алгоритам.

Во овој дел, изоставени се одредбите што веќе неколку месеци беа вклучени во министерските одлуки и се однесуваа на изолацијата и карантинот за во случај на позитивен резултат при тестирањето на граница

За прекршување на законските мерки и обврски, предвидени се парични казни.

За влез во Грција, отворени се сите копнени гранични премини кои работат 24 часа, со исклучок на Мерѕани кон Албанија, што е со работно време од 8 до 20 часот.

Од Северна Македонија кај јужниот сосед може да се патува преку Евзони (Богородица), преку Ники (Меџитлија) и Дојран, без никакви ограничувања во однос работното време.

Во одлуката, како што пренесува МИА, посочено е дека туристите, за време на нивниот престој во Грција, мора да ги почитуваат мерките што важат во внатрешноста на земјата.

Промени во времетраењето на сертификатите во внатрешноста на Грција

Во друга министерска одлука, поврзана со мерките во внатрешноста на Грција, од утре се менува и продолжува времетраењето на сертификатите за вакцинација и прележан Ковид-19 и се усогласуваат со европските правила.

Па така наместо седум, како што беше случај досега европскиот сертификат за вакцинација ќе биде валиден девет месеци, а времетраењето на сертификатот за прележан Ковид-19 се зголемува на шест од три месеци како што беше досега.

Овие промени, се однесуваат и на туристите, со оглед на тоа дека правилата во Грција, освен за Грците важат и за странците кои ја посетуваат земјата, а досега сертификатите имаа различно времетраење кога се однесуваше на внатрешноста за влез во затворените објекти.