
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) најави дека идната недела официјално ќе ги објави имињата на десетте компании — осум домашни и две увозни — кај чии млечни производи се утврдени манипулации во декларирањето. Иако анализите покажале дека квалитетот е под ветеното ниво, директорот Оливер Миланов уверува дека производите како кашкавал, сирење и јогурт се целосно безбедни за конзумација.
„Неофицијално, мислам дека ги имате операторите, но официјално ќе ги имаме во наредниот период. Две се увозни, осум се наши компании. Веќе се вршат внатрешни контроли зашто овие резултати што ги имаме добиено се процена на ризик лично од мене направени. Покрај редовните надзори, ќе се направи и аудит. Ќе се вратиме чекор наназад, да видиме дали воделе записници, дали воделе лабораториски анализи, дали ова е пред 15 дена или постоело со години. Во однос на безбедноста на овие производи, безбедноста не е нарушена, нарушен е квалитетот. Нарушен е зашто е направена измама со храна на потрошувачите, манипулација со потрошувачите. Доколку декларирате дека имате 24 отсто масти, а во производот има 5 проценти масти, таа храна автоматски се уништува и се носи на депонија“, рече Миланов.
Поради ниските казни, АХВ веќе подготвува законски измени. Една од мерките што се разгледува е одземање на дозволата за работа во траење од три години за фирмите што ќе бидат фатени во повторена манипулација со потрошувачите.
Од Агенцијата упатија апел до граѓаните да бидат внимателни и да пријавуваат секаков сомнеж за небезбедна храна или производи со поминат рок во маркетите и сендвичарниците.











