Тројца економисти во понеделникот ја добија Нобеловата награда за нивните „студии за тоа како се формираат институциите и влијаат на просперитетот“.
Дарон Ацемоглу, Сајмон Џонсон и Џејмс Робинсон ќе ја поделат наградата, која вклучува парична награда од 11 милиони шведски круни (1 милион долари).
Нобеловиот комитет, пренесува Си-Ен-Ен, ги пофали за нивната анализа зошто „општествата со послабо владеење на правото и институциите кои го експлоатираат населението не генерираат раст и не носат позитивни промени“.
„Кога Европејците колонизираа големи делови од светот, институциите во тие општества се сменија“, истакна комитетот, осврнувајќи се на работата на лауреатите. Иако на многу места целта беше да се експлоатира домородното население, на други места тоа ги постави темелите за инклузивни политички и економски системи.
„Луреатите покажаа дека едно од објаснувањата за разликите во просперитетот меѓу земјите лежи во социјалните институции кои беа воведени за време на колонизацијата“, додаваат тие.
Земјите кои развија „инклузивни институции“ станаа просперитетни со текот на времето, додека оние кои развија „институции за екстракција“ доживеаја продолжен низок економски раст.
Во нивната книга од 2012 година, „Зошто нациите не успеваат“, Ацемоглу, турско-американски професор на Технолошкиот институт во Масачусетс и Робинсон, британски професор на Универзитетот во Чикаго, тврдат дека некои нации се побогати од другите поради нивните политички и економските институции.
Книгата започнува со споредување на животниот стандард во два града по име Ногалес – едниот во Аризона, а другиот јужно од границата во регионот Сонора во Мексико. Додека некои економисти тврдат дека разликите во климата, земјоделството и културата имаат огромно влијание врз просперитетот на едно место, Ацемоглу и Робинсон заклучија дека жителите на Ногалес, Аризона, се поздрави и побогати поради релативната сила на нивните локални институции.