Кои се Иза и Само Логин?

328

Иза и Само Логин се сопружници од Словенија, кои освен својата љубов, заедно ја делат пасијата кон бизнисот што ги направи да бидат најбогати во нивната земја.

Тие се креатори на познатата мобилна апликација Talking Tom, преку старт – ап што го основаа во 2009 година. Иза и Само ја вложија заедничката заштеда во играта што преку ноќ стана позната насекаде во светот. Денес, благодарение на палавата мачка, шест години по ред се најбогати Словенци, а богатството им се проценува на 689 милиони евра.

Приказната започнува кога Телеком Словенија во 2007 година го купи популарниот словенечки пребарувач Najdi.si, Само Логин работел како еден од директорите во таа компанија и бил малцински акционер, добил свој дел од колачот и одлучил со тие пари да почне сопствен бизнис. Две години подоцна, во 2009-та година, собрал седум свои поранешни соработници, инженери со големо искуство и заедно со сопругата, која исто така работела во ИТ секторот, вложи сопствен капитал и ја основаше Outfit 7. Првичната идеја била развој на познати светски видео игри, а тимот да го искористи своето знаење и искуство за да направи нешто интересно. Во тоа време, Иза Логин имала сопствена фирма, но се согласила да му помогне на својот сопруг, па водела сметка за финансии, договори, вработување… за да може Само и неговиот тим да се посветат на развој на игрите.

Мачката што зборува, повторува реченици, реагира на допир, мие заби и на различни начини го забавува корисникот, за првпат е претставена пред точно 10 години. Инаку, Talking Tom не била првата апликација што ја направиле. Неколку пати почнувале да реализираат некоја идеја, за по кратко време да сфатат дека нешто слично такво веќе има на пазарот.

“Ние успехот го поставивме како своја цел уште кога ја основавме компанијата. Имавме идеја каков успех сакаме да постигнеме и колку успешна ќе ја направиме. Морам да признам дека ги надминавме очекувањата. Од друга страна, бевме свесни дека на вработените на почетокот им поставуваме премногу високи цели, но денес сум сигурен дека тоа може да се достигне“, рекол Само во едно интервју.

“Talking Tom беше дизајниран да донесе инстант забава за корисниците и мисијата во целост беше исполнета. Тимот покажа дека вистинската мисија, стратегија став и силна организациона култура се најважни. Успехот не дојде одеднаш, па бевме подготвени да се носиме со тоа“, изјави Иза во една прилика.

На почетокот на 2017 година, нивната компанија Outfit 7 беше продадена на азиски инвеститори за една милијарда долари. Компанијата на Иза и Само ја купи конзорциум од азиски компании што ги застапуваше Luck United Group Holdings Limited.

Иза и Само ја основаа фондацијата Login5 што се занимава со хуманитарна дејност, работат на различни проекти за зачувување на животната средина.

Фото: Facebook