Кои се најбогатите Кинези?

74

Богатите во Кина забележаа најголем пад на нивното богатство во последните две децении оваа година, бидејќи руско-украинската војна, политиката на Пекинг за „нула случаи на Ковид“ и падот на акциите во Кина и Хонг Конг го „изедоа“ нивното богатство.
На кинеската листа на богатство, објавена од магазинот Hurun и која ги рангираше најбогатите Кинези со минимално нето богатство од 5 милијарди јуани (690 милиони долари), само 1.305 луѓе го достигнаа тој праг оваа година, што е за 11 отсто помалку отколку во 2021 година, пренесе Ројтерс.

Нивното вкупно богатство е 3,5 трилиони долари, што е за 18 отсто помалку од лани.

Водечката тројка на листата на најбогати Кинези остана непроменета:
Жонг Шаншан, сопственик на фабриката за флаширање вода во Нонгфу Спринг и компанија за вакцини, се најде на врвот на листата втора година по ред, а неговото богатство се зголеми за 17 отсто на 65 милијарди долари.

Основачот на ByteDance, кој исто така е сопственик на TikTok, Џанг Јиминг, е на второто место, но неговото богатство падна за 28 отсто на 35 милијарди долари поради падот на вредноста на ByteDance, додека Зенг Јуџун, претседател на батерискиот гигант CATL, остана во третото место, иако неговото нето богатство исто така падна за 28 отсто на 32,9 милијарди долари.

Инаку, бројот на поединци кои имаат 10 милијарди долари или повеќе е помал за 29 лица, а бројот на едноцифрени милијардери, во долари, годинава е намален за 239, покажуваат податоците од ранг листата.

Главните извршни директори на технолошките компании го претрпеа најголемиот удар, на пример, богатството на основачот на Alibaba Џек Ма потона за 29 отсто на 25,7 милијарди долари.