
Сопружниците Дари и Весна Јужна го освоија првото место на овогодинешната листа на 100 најбогати Словенци објавена од порталот „Фајненшл менаџер“, а нивното богатство порасна за дури 48 проценти на годишно ниво, достигнувајќи 511 милиони евра.
Растот на вредноста на нивниот имот беше поттикнат од исклучителната вредност на портфолиото, вклучувајќи го и уделот од 10 проценти во компанијата „Петрол“, чија цена на акциите се зголеми за околу 60 проценти на годишно ниво, објави порталот 24ur.com.
Групацијата „Перспектива“, чии сопственици се Дари и Весна Јужна, по финансиските проблеми од претходната деценија, сега има речиси 390 милиони евра приходи и околу 43 милиони евра нето добивка.
Второто место на листата го делат поранешните сопружници Логин. По разводот, нивните средства се третираат одделно, така што Иза Сиа Логин и Само Логин имаат по 414 милиони евра богатство.
Нивниот стартап стана еднорог благодарение на светски познатата видео игра Talking Tom.
Семејството Шешок, кое ја води компанијата Искра и поседува средства во вредност од 381 милион евра, е на четвртото место.
Боштјан Бандељ, сопственик на компанијата за тргување со емисии Белектрон, забележа зголемување на богатството за 35 проценти на 324 милиони евра, а Дамијан Мерлак, основачот на крипто берзата Bitstemp, за 33 проценти на 313 милиони евра.
Меѓу нив е и Јуре Кнез од софтверската компанија Devesoft со 316 милиони евра, чие богатство се намали за 12 проценти.
Во првите десет се Иво и Анастасија Таја Боскарол со компанијата Pipistrel, која произведува лесни авиони. Тие имаат средства од 263 милиони евра.
Меѓу првите 100 најбогати Словенци се кошаркарите Лука Дончиќ, кој е меѓу првите 25 со 126 милиони евра, Горан Драгиќ со 69,4 милиони евра, голманот Јан Облак со 56,4 милиони евра и хокеарот Анже Копитар со 46,1 милион евра.
Вкупното богатство на стоте најбогати Словенци порасна за 12 проценти на годишно ниво и достигна рекордни 11,2 милијарди евра. Прагот за влез во елитната листа на 100 е зголемен на 44,4 милиони евра.











