Кои се најмоќните луѓе во Европа?

160

Бриселскиот портал Политико ја објави годишната листа на најмоќни луѓе во Европа, односно листа на луѓе кои значајно може да ја обликуваат 2020 година. На листата се наоѓаат девет жени и 19 мажи, односно 20 политичари, четири активисти, три јавни функционери и една личност од технолошкиот сектор.

На врвот на листата се наоѓа францускиот претседател Емануел Макрон, додека останатите 27 луѓе се поделени во три категории што претставуваат три вида моќ: луѓе од акција со најголема способност да вршат влијание, нарушувачи кои најверојатно ќе поништат статус кво и сонувачи чија идеја е да ја придвижат европската политика.

Според бриселскиот портал, лидер на листата е Макрон, кој го искористи вакуумот што настана поради Брегзит и слабоста на Германија и кој го налути Европскиот парламент кога го критикуваше изборниот систем и се обиде да маневрира со изборот на Урсула фон дер Лајен, но и кога се спротивстави на досегашната политика на проширување на ЕУ и спречи започнување на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија.

Зад Макрон е Маргарет Вестагер од Данска, која е во групата луѓе од акција и доби втор мандат во Европската комисија како комесар за конкуренција. Во истата категорија се наоѓаат и претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, рускиот претседател Владимир Путин, британскиот премиер Борис Џонсон, германската канцеларка Ангела Меркел, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ирскиот премиер Лео Варадкар, поранешниот и веројатно иден австриски канцелар Себастијан Курц и европскиот комесар за трговија Фил Хоган.

Во категоријата нарушувачи се наоѓаат девет лица. Тука на прво место се најде советникот на британскиот премиер, Доминик Камингс, кој е познат по тоа што на Британија ѝ приреди шок во 2016 година откако се откри дека тој бил мозокот на кампањата за излегување од ЕУ.

Второто место е на лидерот на германската партија “Зелени“, Роберт Хабек, кој успеал да ја удвои популарноста на партијата откако ја презел лидерската позиција и за кого се смета дека би можел да стане првиот германски канцелар од редовите на “зелените“. Во оваа категорија се најде и извршниот директор на Facebook, Дејвид Маркус, познат по тоа што се обидуваше да ја наметне криптовалутата либра, лидерот на италијанското движење Пет ѕвезди, Матео Ренци, шкотската премиерка Никол Старџон, шефот на германската агенција за заштита на податоци, Јоханес Каспер, францускиот левоориентиран политичар Франсоа Руфин, првата словачка претседателка Зузана Чапутова, која својата позиција ја користи како платформа за префрлање на политичките разговори на теми како корупција, животна средина и ЛГБТ-права.

Во оваа категорија се најде и италијанскиот министер за внатрешни работи и лидер на десничарската Лига, Матео Салвини.

Шведската активистка Грета Тунберг ја предводи категоријата сонувачи, која со своите активности доби поддршка од многубројни еколошки партии, особено во Германија, Белгија и Холандија. Во истата категорија се најде и унгарскиот премиер Виктор Обран, за кој се вели дека е предводник на национализмот во ЕУ, францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер, Германката Карола Рекетер, која стана позната благодарение на спасувањето на мигрантите кај италијанскиот брег, генералниот секретар на Европскиот парламент, Клаус Веле, британската комесарка за информирање Елизабета Деам, германскиот писател Гоц Хубичек, германскиот министер за финансии Олаф Шолц, работникот од компанијата Deliveroo, Жан Даниел Замор, кој го привлече вниманието укажувајќи на работните услови на доставувачите.

Порталот образложи дека ја составувал листата така што на неа можеби не се највлијателните луѓе во Европа, туку оние што имаат важно и неочекувано влијание.

Фото: Pexels