Кои три компании се “златна кокошка“ на Бафет

Американскиот милијардер Ворен Бафет годинава ќе заработи две милијарди долари само врз основа на дивиденди од акции во три компании.
Станува збор за акциите на Coca-Cola, American Express и Apple. Од котираните компании, конгломератот на Бафет, Беркшир Хатавеј, е акционер со најдолг стаж во Кока-Кола, кој треба да и обезбеди приход од 736 милиони долари оваа година.

Coca-Cola е глобален бренд со бизнис модел кој одржува раст на продажбата, заработката и дивидендите. Компанијата лани распределила 72 отсто од заработката преку дивиденда.

Беркшир Хатавеј е нешто пократок акционер во Американ Експрес, кој на Бафет треба да му обезбеди приход од 364 милиони долари оваа година. American Express има слични предности како и Coca-Cola, а една од нив е тоа што е силен бренд со голема база на клиенти.

Споменатиот конгломерат е акционер во Apple од 2016 година, а американскиот милијардер оваа година би требало да има приход од 878 милиони долари од Apple. Уделот на Apple на глобалниот пазар на паметни телефони е 20 отсто, додека самиот Apple генерира 80 отсто од вкупниот профит на индустријата, пишува порталот Yahoo Finance.