Кои земји нудат најдолг, а кои најкраток платен годишен одмор?

89

Фото: Pixabay

Еден вработен во Велика Британија има право на 28 работни денови платен годишен одмор, додека негов “колега“ во Јапонија има 10 работни дена платен годишен одмор, а оној кој работи во САД нема ниту еден ден платен годишен одмор.

Ова го покажува истражувањето на Центарот за економски и политички истражувања од Вашингтон, No Vacation nation од мај оваа година.

Вообичаено, платениот годишен одмор се движи меѓу 10 и 30 дена во зависност од повеќе фактори. На пример, вработен во Велика Британија има право на 28 дена платен одмор, а нема ниту еден платен празник. Јапонија е земја во којашто на вработените им следуваат 10 работни дена платен одмор и 15 платени празници.

Земји коишто на своите вработени им нудат 25 работни дена одмор се: Австрија, Данска, Финска, Франција, Германија (ова важи само за лица со инвалидитет), Норвешка, Шведска, Шпанија.

САД, пак, е единствена развиена економија што на работниците не им гарантира платен одмор. Истражувањето покажало дека скоро секој четврти Американец нема платен одмор.

Според законската регулатива во нашата земја: работникот има право на платен годишен одмор од најмалку 20 работни денови, а со колективен или договор за вработување може да се продолжи до 26 дена. Исто така, работодавачот е должен на работникот да му обезбеди искористување на 12 работни дена годишен одмор до крајот на тековната календарска година, а остатокот до 30-ти јуни идната година.