Кој е life coach?

261

Life coach или во превод животен тренер е професија којашто до пред неколку години и практично не беше позната, но во последно време станува сè поприсутна. Па, си го поставувате прашање што е тоа животен тренер и што работи. Станува збор за личност која е ментор и терапевт во исто време, им помага на луѓето да сфатат кои им се целите во животот и им помагаат да го пронајдат патот до нивно остварување.

Со помош на различни техники, овие тренери им помагаат на луѓето да најдат решение за некој проблем или предизвик во животот или работата, поинаку да размислуваат, да созреат, да стана помудри и смирени. Со нивните совети, луѓето надминуваат одредени предизвици со поголема леснотија бидејќи им даваат насоки и практични примери, што на крајот резултираат со подобра заработка, повисок квалитет на живот, нови искуства, проширени видици…

Животниот тренер, за разлика од психотерапевтот, може да комуницира со својот клиент и по електронска пошта или телефон. Имаат одредена динамика што ја почитуваат за да може да се постигнат резултатите, а со посветена работа, желба и труд, уверуваат дека не постои цел што не може да се оствари.

Имаат техники со коишто им помагаат на луѓето полесно да ги согледаат ситуациите, да бидат објективни и со отворен ум да им пристапуваат на сите нови работи. Наместо проблем, во својот вокабулар, го имаат зборот предизвик, па затоа ги поттикнуваат луѓето да не се плашат од ново и непознато, да не се плашат од ризиците, но секогаш да имаат јасно поставена граница. За животниот тренер важни се позитивните мисли, бидејќи се водат од тоа: какви ви се мислите, таков ќе ви биде животот. Внесуваат реалистичен оптимизам што на многумина им е неопходен, особено доколку доживеале некаков неуспех или крах на приватен или професионален план.

Животниот тренер е во постојана потрага по нови предизвици, сака да го проширува своето знаење, да стекнува нови вештини, да совладува нови техники. Сето тоа ќе му биде од голема корист кога ќе биде со клиенти кои се нашле во различни ситуации, па од поблизок агол ќе може да им помогне.

Се верува дека животниот тренер може да им помогне на луѓето кои се неорганизирани, кои постојано доцнат, кои се соочуваат со голем стрес или стануваат анксиозни ако работат под притисок. Со помош на смирувачки разговор, техники за подобро организирање и надминување на актуелните состојби, животните тренери им помагаат на луѓето да создадат нови навики, да го “рестартираат“ стариот пристап на работа и на крајот на денот да бидат задоволни со себе и со она што го работат и имаат.

Фото: Pexels