Koj e најпопуларниот извршен директор во светот

Nvidia имаше фантастична година, во текот на која цената на акцијата порасна од 143 долари на речиси 470 долари, а пазарната вредност на компанијата надмина трилион долари. Причината за таквиот успех лежи во вештачката интелигенција, односно чиповите со вештачка интелигенција на Nvidia, кои масовно се користат од компаниите за развој и обука на оваа технологија.

Извршниот директор на компанијата Јенсен Хуанг е повеќе од задоволен од ваквиот развој на ситуацијата, а уште една причина за неговото задоволство е неодамна спроведената анкета меѓу корисниците на професионалната социјална мрежа Blind. Целта на истражувањето беше да се открие задоволството на вработените од нивните шефови, односно, како што наведуваат во прашалникот, дали вработените го одобруваат начинот на кој извршните директори на нивните компании управуваат со компанијата и ја вршат својата работа. Првото место на таа листа, како извршен директор кому вработените најмногу му веруваат во начинот на кој ја води компанијата, го заслужи Хуанг.

Тој доби најголем процент на одобрение за начинот на кој ја води компанијата, 96 проценти. Еден од коментарите што најдобро го опишува Хуанг, напишан од вработен во Nvidia на Blind, е: Тој ја предвидел вештачката манија пред повеќе од десет години. Му верувам целосно. Исто така, кога минатата година имаше отпуштања во бројни технолошки компании, а Nvidia не работеше според очекувањата, Хуанг им рече на вработените дека не само што нема да има отпуштања, туку некои ќе добијат и покачување.

Листата на првите пет извршни директори вклучува уште едно познато лице за секој што ја следи технологијата. Станува збор за Тим Кук, кој е на четвртото место со рејтинг од 83 отсто, додека пред него се Даг МекМилон од Волмарт (88 отсто) и Никеш Арора од Пало Алто Нетворкс (84 отсто).

Овие бројки го покажуваат високото ниво на доверба што вработените го имаат во нив, како и нивната способност успешно да ја водат компанијата во секогаш турбулентно и динамично деловно опкружување. Од друга страна, има и луѓе кои не само што не ја уживаат довербата на мнозинството, туку никој не го одобрува нивниот начин на управување со компанијата.

Нема доверба во лидерите на големите технолошки компании
Таа „чест“ им припадна на извршниот директор на Western Digital, Дејвид Гекелер и на Нордстром, Ерик Нордстром – и двајцата добија нула проценти одобрение од своите вработени за начинот на кој раководат со компанијата, а треба да се напомене дека и двете компании неодамна најавија отпуштања. Нешто подобри, но и во многу лоша ситуација се извршните директори на популарните социјални мрежи. Линда Јакарино, која неодамна беше назначена од Маск на чело на Твитер, односно платформата Х, има 4 отсто, додека само три отсто од вработените во Снеп го поддржуваат Еван Шпигел и начинот на кој тој ја води компанијата.

Што се однесува до другите извршни директори на големите технолошки компании, тие не можат да бидат премногу задоволни од тоа како нивните вработени ја одобруваат нивната работа. Новиот извршен директор на Амазон, Енди Џеси на тој начин доби само 10 отсто од гласовите на вработените во компанијата, Сундар Пичаи од Гугл или Алфабет доби 26 отсто, Сатја Надела од Мајкрософт доби 30 отсто, а Цукерберг 45 отсто.

Фото: Facebook