Кој е новиот директор на Твитер

Твитер го назначи Параг Агравал за нов извршен директор на местото на Џек Дорси. Промената на чело на компанијата дојде како резултат на незадоволството од постигнатите резултати на пазарот и доцнењето во претставувањето на новите производи.

Агравал (37) помина четири години како технички директор на компанијата, надгледувајќи ја потрагата на Tвитер за блокчејн и други децентрализирани технологии, пишува Блумберг. Дорси (45) ќе остане во бордот на директори на Twitter и шеф на Square Inc. платежна компанија чиј коосновач е и тој.

За разлика од Дорси, кој е славна личност и познат милијардер со милиони следбеници на Твитер, Агравал е релативно непозната личност и никогаш не бил во центарот на вниманието. Тој стана најмладиот шеф на компанија котирана под берзанскиот индекс S&P 500. Тој има диплома по компјутерски науки од Индискиот институт за технологија во Мумбаи и докторирал на Универзитетот Стенфорд.

Новиот шеф на компанијата ќе ги наследи политичките конфликти на Твитер, вклучително и критиките за забраната за поранешниот американски претседател Доналд Трамп, како и несогласувањата со владејачката партија во Индија. Амбициозните деловни цели кои треба да ги постигне Aгравал се забрзан раст на бројот на корисници, удвојување на приходите и забрзано лансирање на нови производи.

Според податоците на неговиот профил на Linkedin, Агравал работел како истражувач во Microsoft, Yahoo и AT&T. Тој се појави на Твитер во 2011 година како инженер во време кога компанијата имаше помалку од 1.000 вработени. Откако беше назначен за технички директор во 2017 година, тој ја водеше техничката стратегија на компанијата, вклучувајќи го и следењето на напредокот во машинското учење.