
Американскиот претседател Доналд Трамп на јавноста и покажа нова „златна карта“ вредна пет милиони долари со сопствен лик, која ќе им овозможи на побогатите мигранти да добијат зелена карта, односно постојан престој во Соединетите Американски Држави.
„За пет милиони долари, ова може да биде твое“, им рече Трамп на новинарите во претседателскиот авион „Ер Форс 1“.
„Дали знаете што е оваа картичка? Тоа е златна карта, картата на Трамп“, додаде американскиот претседател.
Трамп изјавил дека тој самиот е првиот клиент на картичката и дека повеќе копии ќе бидат достапни за помалку од две недели, пренесува „Њусвик“.
Програмата „златна карта“ ќе им овозможи на поединците кои инвестираат 5 милиони долари во американски компании да останат во САД, заменувајќи ја постоечката виза EB-5.
Поддржувачите на оваа мерка на Трамп тврдат дека САД на тој начин би можеле да соберат значителен капитал, додека критичарите сметаат дека приоритет на Вашингтон треба да биде привлекување квалификувани таленти.
„Златната карта“ е дел од пошироките напори за замена на сегашната имигрантска виза за инвеститори EB-5 со нова програма која дава американско државјанство на странски инвеститори во американски фирми.
Според постоечката програма EB-5, апликантите мора да платат помеѓу 100.000 и 200.000 американски долари како такси на Службите за државјанство и имиграција на Соединетите држави (USCIS), да инвестираат помеѓу 800.000 и 1 милион американски долари и да создадат најмалку 10 работни места за американски работници.
Фото: X











