Кој ќе добие платежна картичка Купувам домашно од државата

762

Премиерот Зоран Заев денеска на пресконференција ги презентира сетот мерки од четвртиот пакет кој го усвои Владата на денешната седница, а со кој, како што рече, “не е заборавен никој“.

“Четвртиот пакет мерки е директна поддршка за економската и социјална сигурност на нашите граѓани и поттикнување на приватната потрошувачка, ги имаме предвид сите дејности, сите компании, а нашето внимание е насочено кон поддршка на работните места, на ранливите категории, невработените…, рече премиерот.

Прва мерка е продолжување на поддршката за исплата на плата во последните три месеци. Како што рече, таа ќе биде скалеста и ќе зависи од падот на приходот кај компаниите. Колку е поголем падот на приходите толку ќе биде поголема поддршката која ќе се движи од 14.500 денари до 21.776 денари. Со оваа мерка ќе бидат поддржани 250.000 работни места, а вредноста е 70 милиони евра.

Втората мерка е платежна картичка за поголема потрошувачка во износ од 6.000 денари, а ќе ја добијат 5.726 самохрани родители 182.271 пензионер со пензии до 15.000 денари, 85.108 пасивни баратели на работа, самостојни уметници, рече Заев, додавајќи дека ќе ја добијат и оние граѓани над 64 години кои немаат пензија, а се со приходи пониски од 15.000 денари или воопшто немаат приходи. Оваа мерка е наменета за 280.000 граѓани кои ќе бидат поддржани со 27,6 милиони евра.

Меѓу мерките е и зголемување на грејс период на бескапаматните кредити од Ковид 1 линијата во траење од три месеци, потоа поддршка со плата на туристичките водичи, поддршка за туризмот преку враќање на туристичката такса за 2019 година во износ од два милиони евра.

“Платежните картички се со износ од 6.000 денари и ќе добијат 5.726 самохрани родители, пензионери со пензии до 15.000 денари, односно 182.271 наш сограѓанин пензионери, невработени кои се пасивни баратели на работа, односно 85.108 граѓани, самостојните уметници, филмските работници, културните работници, естрадни работници“, посочи Заев.

Тој додава дека платежните картички купувам домашно ќе добијат уште 540 студенти кои во претходниот пакет не ги добиле овие картички.

Најави околу 30 мерки меѓу кои и за угостителските објекти за организирање свадби, игротеките, уметниците…