Кој ќе има приоритет да пушти дете во градинка?

78

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска заедно со претставници од МТСП, денеска се сретна со директорите на Јавните установи за згрижување на деца-градинките, на ниво на цела држава, во пресрет на отворањето на истите согласно владината одлука, градинките да започнат со работа на деветти септември.

“Врз основа на направените анализи и проценка на ризици, од страна на МЗ и анализите и податоците на МТСП, Владата на РСМ, донесе одлука дека градинките можат да започнат со работа, почитувајќи ги протоколите и алгоритмот кој прецизно предвидува правила кои строго треба да се почитуваат со цел заштита на децата и вработените во градинките“, посочи Шахпаска.

Од страна на министерката Шахпаска беше истакнато дека согласно добиените податоци од градинките 29.000 деца се запишани во истите, согласно протоколите прием може да се направи на околу 19.000 деца, а досега пријавени од страна на родителите дека ќе посетуваат градинка се околу 14.500 деца.

При тоа приоритет ќе имаат самохраните родители и еден од двајцата вработени родители кои не можат работните обврски да ги вршат од дома и ќе приложат соодветна потврда.

“Во однос на прашањата за недостиг на кадар или простор, општините се тие кои треба да го изменаџираат проблемот и  изнајдат решение, согласно заклучокот донесен на Првата седница на Владата на РСМ, одржана на први септември“, посочи  министерката за труд и социјална политика, Шахпаска.

Од страна на директорите на Јавните установи за згрижување на децата, беа посочени одредени дилеми, за кои низ отворена дискусија се донесоа одредени заклучоци и се расчистија голем број на прашања и нејаснотии.

Безбедноста на децата е приоритет, а согласно донесените Протоколи и Алгоритам направени врз основа на детални анализи и проценки градинките се подготвени да започнат со работа на деветти септември за безбедно и сигурно згрижување на децата во установите.