Кој ќе биде новиот претседател на американската централна банка? Во игра се четири кандидати

Американскиот претседател Доналд Трамп  изјави дека министерот за финансии Скот Бесант не сака да ја преземе функцијата претседател на Централната банка на САД (ФЕД), иако претходно се сметаше за еден од главните кандидати за таа функција.

Трамп во интервју за CNBC изјави дека списокот на потенцијални кандидати за шеф на централната банка на САД сега е стеснет на четири имиња – но без Бесент.

„Го сакам Скот, но тој сака да остане таму каде што е“, рече Трамп за време на гостувањето во „Сквак Бокс“, осврнувајќи се на неговиот неодамнешен разговор со Бесант.

Оваа изјава доаѓа само неколку дена откако членката на Управниот одбор на Федералните резерви, Адријана Куглер, ненадејно објави оставка во петокот, со почеток во сила на 8 август.

Нејзиното заминување му овозможува на Трамп да именува друг кандидат по свој избор во одборот на американската централна банка, во време кога Белата куќа го зголемува притисокот врз Федералните резерви да ги намали каматните стапки.

Трамп не откри кои се преостанатите кандидати за позицијата што моментално ја држи Џером Пауел, но нагласи дека сè уште не е донесена одлука.

Поранешниот гувернер Кевин Ворш и шефот на Националниот економски совет, Кевин Хесет – двајцата блиски соработници на Трамп и застапници на пониски каматни стапки – се споменуваат како можни кандидати за највисоката функција.