Кој (не) може да биде основач, управител или содружник во трговско друштво?

6064

Фото: Pexels

Ова прашање претставува основа на целата економија, па дури и основа на државата од модерното време, од причина што се работи за прашање од чиј одговор зависи начинот на кој се основаат и функционираат компаниите во едно општество. Имајќи предвид дека се работи за исклучително важно прашање за економијата на една држава, неопходно е да се даде јасен одговор кој доследно ќе се применува, а дополнително пожелно е таквиот одговор да биде едноставен. Наспроти ова, Законот за трговските друштва (ЗТД) не нуди ниту јасен, ниту едноставен одговор.

Уште од донесувањето на ЗТД во 2004 година, во членот 29 е уредено кој може да биде основач на трговско друштво, на начин што е дадена негативна дефиниција, односно е наведено кој не може да биде основач, додека во член 231 е предвидено дека управител не може да биде лице на коe со правосилна судска одлука му е забрането да врши професија, дејност или должност што е поврзана со функцијата управител на друштвото, додека трае таа забрана. Во 2010 година, дополнително се додава нов член 29-а во ЗТД, кој уредува кои лица не можат да бидат управители, при што самиот член не предвидува посебни исклучувачки основи, туку се повикува на дел од основите наведени во член 29. Поради ова, одредбите од член 29 и 29-а од ЗТД се неминовно поврзани и испреплетени.

Ова е проблематично, ако се има предвид дека членот 29 од ЗТД е еден од најподложните на промени и уставни иницијативи за укинување. Статистички гледaно, скоро една четвртина од сите измени на ЗТД се однесуваат на членот 29 (пет од вкупно 21 измена), додека пак со една половина од одлуките на Уставниот суд на РМ кои се однесуваат на ЗТД се укинуваат одредби од овој член (три од вкупно шест одлуки со кои се укинуваат одредби од ЗТД). Дополнително, Собранието на РМ има дадено и автентично толкување на член 29 од ЗТД (вкупно постојат 2 автентични толкувања на членови од ЗТД).*

Кој може да биде основач на трговско друштво? (член 29 од ЗТД)

Во овој момент, согласно член 29 од ЗТД, трговско друштво не може да основа:

  1. лице кое е управител на друштво чија сметка е блокирана, како и самото друштво чија сметка е блокирана, додека трае блокадата на сметката или додека не се отвори постапка на ликвидација или стечај;
  2. друштво над кое е отворена стечајна постапка, додека трае постапката;
  3. лице кое е управител на трговско друштво на кое му е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност, сѐ додека трае забраната;
  4. лице кое е содружник во друштво чија сметка е блокирана, додека трае блокадата на сметката или додека над друштвото не се отвори постапка за ликвидација или стечај;
  5. (укината со Одлука на Уставниот суд на РМ У.бр.38/2018)
  6. лице за кое со правосилна судска одлука е утврдено дека сторило кривично дело лажен стечај, предизвикување стечај со несовесно работење, злоупотреба на постапката стечај, оштетување или повластување на доверители и изречена му е забрана за вршење професија, дејност или должност, сѐ додека траат правните последици од забраната;

Важно е да се напомене дека со скорашната Одлука на Уставниот суд на РМ У.бр.38/2018, објавена на 25 декември 2018 година, се укинува точката 5 од член 29 од ЗТД согласно која трговско друштво не можеа да основаат ниту содружниците, ниту управителите на друштвата за кои е започната постапка за бришењена друштвото по службена должност (согласно член 552-б ЗТД), додека трае таа постапка, како и три години по бришењето на друштвото. Со ова по скоро пет години оваа точка се укинува, па така лицата кои биле содружници и/или управители на друштва кои се избришани од трговскиот регистар повторно можат да основаат нови трговски друштва, без да чекаат да поминат три години од бришењето.

Кој може да биде управител на трговско друштво? (член 29-а од ЗТД)

Кога станува збор за тоа кој (не) може да биде управител, член 29-а од ЗТД упатува на член 29 од ЗТД, поточно точка 1 од членот 29 (тоа се лицата управители на друштвасо блокирана сметка) и точка 3 од членот 29 (лицата управители на друштва на кои им е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност) сѐ додека кај нив постојат овие ограничувања. Дополнително, управители не можат да бидат ниту лицата од сега веќе укинатата точка 5 од членот 29 од ЗТД (содружници и/или управители на избришани друштва) од денот на започнувањето на постапката за бришење и три години по бришењето на друштвото.

Со горенаведената Одлука на Уставниот суд на РМ, иако е укината точка 5 од член 29 од ЗТС, не е укинат делот од членот 29-а, кој се повикува на оваа точка. Поради ова, оправдано се поставува прашањето дали останува забраната да бидат избрани за управители на едно трговско друштво ониелицакои пред помалку од три години биле содружници и/или управители на друштва коисе избришани од трговскиот регистар.

Одговорот на ова прашање е афирмативен – лицата кои биле содружници и/или управители на друштво кое е избришано, три години по бришењето на друштвото не можат да бидат избрани за управители на други трговски друштва. Овој заклучок произлегува од неколку причини. Прво, самиот Уставен суд на РМ во наведената Одлука го цитира членот 29-а од ЗТД, односно е свесен дека членот 29-аод ЗТД се повикува на оспорената точка 5 од член 29 од ЗТД, меѓутоа свесно го остава во сила овој дел од членот 29-а од ЗТД. Второ, Уставниот суд на РМ не е врзан за иницијативата која во конкретниот случај се однесува само на точка 5 од член 29 од ЗТД, туку може да укинува/поништува и други одредби кои не се предмет на иницијативата. Сепак, истиот свесно одлучил да не ја искористи оваа можност. Фактот што во член 29-а од ЗТД сѐ уште е содржана веќе укинатата точка 5 од член 29 од ЗТД е само една номотехничка неисправност, која Уставниот суд на РМ не може да ја исправи бидејќи не може да преиначува, туку само да укинува или поништува одредби од закон. Затоа оваа неисправност не треба да влијае на суштината на член 29-а од ЗТД.

Кој може да биде содружник во трговско друштво?

На крај, треба да се има предвид дека ЗТД прави разликата помеѓу основач на трговско друштво и содружник во трговско друштво. Реалноста е дека разликата помеѓу основач и содружник никогаш не заживеа во праксата, најмногу по вина на Централниот регистар кој ги изедначува овие поими. Така, Централниот регистар го применува член 29 од ЗТД и во постапката за основање на трговско друштво и во постапката за пренос на удел, односно стекнување својство на содружник во веќе основано трговско друштво. Сепак, во овој контекст не смее да се игнорира Автентичното толкување на член 29 од ЗТД дадено од Собранието на РМ на 24 октомври 2018 година, кое е обврзувачко за сите и по својата правна сила е изедначено со закон. Во овој акт, Собранието на РМ јасно наведува дека член 29 од ЗТД предвидува ограничувања кои се применуваат единствено при основање на трговско друштво, а не и при стекнување уделво веќе основано друштво. И по донесувањето на Автентичното толкување, Централниот регистар продолжува со ваквата пракса. За волја на вистината, доколку член 29 од ЗТД не се применува на содружниците, туку само на основачите, овие ограничувања многу лесно би станале беспредметни – лице кое не може да основа друштво лесно би можело да ги заобиколи ограничувањатадоколку друго лице му го основа друштвото, а подоцна му го пренесе целиот удел на него. Со овој изговор Централниот регистар и понатаму продолжува со својата (веќе и очигледно незаконска) пракса, па така ограничувањата предвидени во член 29 од ЗТД ги применува и на основачите и на оние кои подоцна стануваат содружници во веќе основано друштво.

*Сите податоци од овој параграф важат во моментот на пишувањето на овој текст.

Автор на текстот: Дамјан Гроздановски
Адвокатска канцеларија Чакаровска